Пратениците во Собранието на денешната собраниска седница се очекува да го изгласаат предлогот за дополнување на Законот за пратеници со кој на експремиерот Никола Груевски, кој сѐ уште има пратенички мандат, ќе му се укине платата како пратеник.
Со измените кои ги предлагаат шестмина пратеници од власта, секој пратеник кој ќе биде правосилно осуден на казна затвор подолга од 6 месеци, ќе го изгуби правото на плата.
Сепак, Груевски ако сака може да се обиде уште една година да зема пари од државната каса ако се повика на бенефициите за пратениците, но за да се случи тоа ќе мора да си ја жртвува слободата.
Иако речиси е неверојатно, сепак, според таквото сценарио, тој прво ќе мора да си поднесе оставка од пратеничката функција. Потоа, според Законот за пратеници, ако нема други лични примања, тој ќе има право да си побара исплата на плата односно апанажа што најдолго може да трае една година по престанокот на мандатот.
Меѓутоа, за да се случи тоа Груевски ќе мора да се врати од Унгарија во Македонија бидејќи барањето се поднесува лично до Собранието во рок од 30 дена по прекинот на мандатот. Апанажата ќе треба да помине во Комисијата за прашања на изборите и именувањата. Од членовите на оваа комисија кои доаѓаат од редовите на власта, пак, брифираат дека и во случај на таквото, малку остварливо сценарио, не би им паднало на памет да го прифатат барањето на Груевски.
Азилантот Никола Груевски веќе еднаш беше на апанажа која ја побара откако си поднесе оставка од премиерската функција, односно во јануари 2016-та кога се формираше техничка влада според моделот од Пржино. Исплата на плата по оставката тој земал речиси една година, додека не беше избран за пратеник на изборите на 11 декември 2016.
Една година е и најдолгиот период во кој може да се зема апанажа според Законот за плати и други надоместоци на пратеници во Собранието и други избрани и именувани лица во Републиката. Овој период може да се продолжи за шест месеци само ако во тој временски интервал се стекне со старосна пензија.
Груевски како поранешен премиер користеше и други бенефиции и тоа до моментот додека не избега. Тој имаше лично обезбедување кое самиот си го избра од редовите на МВР, како и службено возило и возач на трошок на државата. Овие привилегии му следуваат на секој поранешен премиер толку време колку што бил на функција, а во случајот на Груевски – 10 години.
Ваквите посебни привилегии за поранешни премиери, пропишани во Законот за Влада, беа донесени во периодот кога Груевски беше на власт.
ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI