Експремиерот Никола Груевски се јави од Будимпешта со нов статус на Фејсбук посветен на промената на името и членството во НАТО за коешто Македонија пред неполн час го потпиша пристапниот протокол.
„Нова парадигма. За името“, е насловот кој го напиша бегалецот Груевски на денешниот статус и во кој прави детален преглед на историјата. Експремиерот вели дека кога веќе на двијачки начин е сменето името треба да се искористи ситуацијата и да влеземе во ЕУ и НАТО.
„Пред чинот на враќање на насила одземеното, треба да се искористи она што е позитивно за Македонија од овој дивјачки донесен договор и сменет устав, име и идентитет. Тоа во прв ред е членството во НАТО и во ЕУ, каде што е нашето место во оваа ера“ наведува Груевски.
Тој вели дека ако нема парламентарни избори веќе следната година до пролет ќе бидеме членка на НАТО, а во ЕУ можеме да влеземе за шест до осум години, а смета и оти тоа што го ветуваат многумина дека ќе го променат договорот сега ако дојдат на власт е тешко остварливо.
„Желбите на многумина да го променат овој договор пред влезот во НАТО и ЕУ, ми е сосема разбирлива, но колку и да се искрени, од искуство знам тие желби се тешко остварливи, имајки ја во обзир позицијата на Грција по овој потпишан договор во Преспа и истовремено имајки ги во обзир механизмите за блокада на членството во ЕУ, за кои деновиве опозицискиот лидер кај нашиот јужен сосед толку жолчно раскажува. Следните 6-8 години треба да сме многу внимателни, да не останеме и без име и без ЕУ. Кога веќе сме доведени во ваква тешка ситуација од оваа марионетска власт, кога веќе го изгубивме името и националноста, треба прво ЕУ па по добро подготвен терен и обезбедени сојузници корекција на настаната штета, што воопшто нема да биде лесна операција.НАТО не го спомнувам бидејки членството треба да се случи веќе следната година“, пишува Груевски.
Тој смета и оти на референдумот народот го кажал своето за Договорот од Преспа, но нагласува и оти потриуфално ќе било ако наместо бојкот се излезело и гласало „против“.
„Ќе беше уште потриумфално, можеби и со подобри ефекти на краток рок, доколку наместо стратегија „бојкот“, се одеше и се победеше со стратегија „против“, за што сум уверен дека со навремено отпочната силна и интензивна кампања, уште од крајот на пролета 2018, и со 10-тина набљудувачи на секое гласачко место, ќе донесеше грандиозна победа на ,,против,, наспроти „за“, пишува Груевски.
Експремиерот во неговиот статус се навраќа и на тоа што направила, како што вели, неговата генерација наведувајќи дека документарните филмови што ги снимале и спомениците што го подигнале сериозно придонеле за подигнување на свеста кај секој поединец во Македонија.