Груевски се коригира: Не на Пеливанов туку на истражител Атанас, Катица наредила да најде „бомби“ за Заев

7174
Photo: EPA/ZOLTAN MATHE

Поранешниот премиер Никола Груевски повторно се „јави“ на Фејсбук со објава во која, меѓудругото, се корегира за претходниот статус дека две недели пред апсењето Катица Јанева барала од обвинителот Трајче Пеливанов да бара компромитирачки „бомби“ за Зоран Заев.

Ваквите негови наводи, извори од СЈО за Плусинфо пред една недела остро ги отфрлија посочувајќи дека Пеливанов тој период воопшто немал контакат со Јанева.

Сега, Груевски вели дека не бил овој обвинител, туку истражител кој исто како и Пеливанов, е по потекло од Кавадарци.

„Неодамна објавив дека две недели пред апсењето Катица Јанева го задолжила обвинителот Пеливанов да преслушува снимки поврзани со Заев. Ми пренесоа дека имало реакции дека тоа не е точно, по што извршив дополнителна проверка и имам мала исправка. Имено, при пренесувањето на информацијата ми беше кажано дека нејзин близок соработник по потекло од Кавадарци го правел тоа заради што така напишав. Всушност, друг нејзин близок соработник од Кавадарци ја добил таа должност, еден од истражителите, извесен Атанас. И не две недели, туку еден до два месеци пред апсењето“, пишува Груевски.

Тој потенцира дека попусто го правеле тоа, затоа што Заев претходно, пред да ги предаде матерјалите во СЈО внимателно ги остранил сите компромитирачки за него снимки.

„Токму затоа и имаше огромно доцнење со предавањето на снимките на СЈО. Формално се предадоа еден месец по истекот на законскиот краен рок, согласно Законот за заштита на приватноста. Овој закон, Заев одлично го знаеше бидејќи само една недела пред неговото донесување лично учествуваше во неговата подготовка и прифаќање одејќи во детали член по член“, наведува експремиерот.

Азилантот од Унгарија тврди дека тоа било само формално предавање на аудио материјалите.

„Неформално уште околу половина месец подоцна, кон средината на јануари, една вечер во фабриката за правење керамиди на Заеви ‘Еленица’ во Струмица, Заев ги има предадено на Јанева лично на рака. Потребата внимателно да острани сѐ што е компромитирачки за него беше посилна од факот што порано или подоцна сите незаконски прибавени аудио матерјали во форма на копија и неспоредени со оргиналот, како и невештачени, ќе паднат во судска постапка во земјата или во Стразбург. Меѓудругото и заради прекршување токму на роковите за предавање на аудио матерјалите во Законот за заштита на приватноста“, пишува Груевски.

Photo: EPA/ZOLTAN MATHE

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...