Груевски преку статус на Фејсбук ја правда идејата за финансиска зона

Груевски во постот се правда дека и првата замисла за ваква зона била таа да не функционира како „оф шор“ туку дека идејата била  да се привлечат мултинационалните финасиски компании своите главни седишта да ги префрлат во Македонија и од тоа Македонија да има повеќестрана корист.

514

Додека јавноста се занимава со прашањето дали експермиерот Никола Груевски кој избега од извршување затворска казна е или не уапсен во Унгарија, тој се јави со нов статус на Фејсбук во кој демантира извесен текст во медиумите (таков во домашните медиуми нема) поврзан со идејата за основање на меѓународна финансиска зона во земјава. Идејата, инаку беше коментирана и оспорувана и во 2014 година кога беше актуелна.

Груевски во постот се правда дека и првата замисла за ваква зона била таа да не функционира како „оф шор“ и како перални на пари, туку дека идејата била  да се привлечат мултинационалните финансиски компании своите главни седишта да ги префрлат во земјава и од тоа таа да има повеќестрана корист. Тој тврди дека концептт се засновал на зона со многу висок кредибилитет, прифатена од ММФ и ЕУ и контролирана од нив, но била потребна промена на Уставот на земјата.

„Идејата беше со цел да добие кредибилитет и доверба, како и атрактивност, во зоната да важат финансиските и регулаторни закони на Англија, имаше и идеи да важат законите на Луксембург или комбинација од двете, иако повеќе преовладуваше Англија. Додадената атрактивност ќе беше што ќе понудевме прилично пониски даноци и севкупни трошоци од Англија, земја чии главен град е еден од најголемите финансиски центри во светот. Двете се земји членки на ЕУ, со законодавство усогласено со европските директиви и не сум слушнал дека се перални на пари или некакви оф-шор дестинации. Имаше размислувања низ работните дискусии, регулаторните тела кадровски да се екипираат со поранешни или скоро пензионирани високо кредибилни и авторитетни личности од земјите од кои ќе се применеше законодавството, како поранешни гувернери или заменици гувернери на централна банка на Англија или поранешни членови на комисија за хартии од вредност или поранешни членови на супервизија на осигурување, поранешни високо ценети судии од Англија и други лица со високо ниво на стручност, искуство и пред се личен кредибилитет и интегритет. Такви високо кредибилни и авторитетни личности на светско ниво се размислуваше покрај домашните преставници да влезат и во бордот на зоната чии присуство за финансискиот свет на глобално ниво требаше да преставува гаранција за сериозноста на проектот. Само така можеше да се надеваме на финансиски центар кој би бил меѓународно респектиран и кредибилен“, пишува Груевски.

Груевски наведува дека биле консултирани меѓународни консултанти, но не е сигурен дека тие имале и лоши намери со предлозите.

„Не можам да знам дали некој од нив имал нечесни намери и планови, но знам дека ние имавме чесни намери со кои, доколку проектот се спроведеше, Македонија ќе добиеше една сериозна додадена вредност во финансиската сфера, сериозни приливи во буџетот, вработување, знаење и искуство на стотици и илјадници наши граѓани, а корист ќе имаа и услужните дејности како многу сметководители, адвокати, авио компании, хотели, агенции за недвижности, ресторанти, кетеринг служби, рент-а-кар агенции итн имајќи во предвид дека во земјата ќе доаѓаа голем број многу богати луѓе“, пишува Груевски.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...