Пред да реши да избега, осудениот експремиер Никола Груевски со писмо барал пензиониран судија да дојде во Македонија за да разговара за предметот за кој е осуден за набавката на блиндираниот мерцедес, но не добил одговор, кажува Груевски во интервју за италијанската национална телевизија, РАИ.
– Малку пред да ја напуштам земјата испратив писмо до Јоханес Хан, европскиот комесар за проширување, Федерика Могерини, високата претставничка на ЕУ и на многу други, мислам дека и на Ангела Меркел, во кое побарав да испратат судија во пензија од поразвиените земји, да ги прочита документите според кои ме обвинуваат, да зборува со обвинителите, со нас, со судиите ако е потребно, но на моето писмо не добив одговор – вели Груевски.
Тој вели дека избегал и решил да бара азил од две причини
– Првата е дека бев под политички прогон, под притисок на владата и нашите судови кои решија да ме затворат. Случајот за кој бев осуден е фабрикуван и фалсификуван. Втората причина е дека во затворот ќе бев во опасност – вели тој.
Меѓутоа, експремиерот не кажува кој сакал да го убие. Тој нагласува дека додека бил премиер спровел многу популарни реформи кои на некого не му се допаѓале и, нагласува Груевски, „тој станува твој непријател“.
Во продолжение можете да го погледнете и видеото со инсерти од интервјуто преведени на македонски, кое на Фејсбук го објави порталот Прес24.
ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI