Груевски поднесе оставка од пратеничката функција

„Не сакам понатаму ниту да дадам можност на СДСМ користејќи ја оваа тема да ги избегнува дебатите за суштинските теми и проблеми кои го засегаат народот и да ги задскрива своите криминални политики“, пишува Груевски од Будимпешта.

1081
ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI

Поранешниот премиер, сега пратеноик кој е во бегство седум месеци, Никола Груевски, утрово преку Фејсбук ја најави својата оставка од пратеничката функција.

„Одлучив да се повлечам од пратеничката функција а за истото формално правно Парламентот ќе го известам во наредните денови.

Им благодарам на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ што издржаа на принципиелните позиции кои се во склад со уставот и меѓународното право и не потклекнаа на притисоците. Посебно благодарност до илјадниците граѓани кои на различни начини, преку лични контакти или преку социјалните мрежи во изминатите денови ми даваа огромна подршка и покрај сиот притисок и неправди, покрај сите лажни пропаганди и лични ризици, покажаа дека чувството за правда и правичност, отпор, неприфаќање и бунтовност пред неправдата, останува водилка на македонскиот народ и граѓани, колку и инсталиранста власт да промовира поинакви и спротивни на овие вредности.

Да живее Македонија!“, напиша Груевски.

Тој во продолжение ги објаснува и причините за оставката:

„Целта легално да ми го одземат мандатот е јасно дека е неостварлива. И според Уставот на Македонија и според меѓународните прописи, но и според неподлегнувањето на притисокот на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои на комисијата за мандатно имунитетни прашања не подлегнаа на притисоците и пропагандата и им одржаа лекција по меѓународно право и уставно право на нивните колеги од власта кои во отсуство на аргументи расправата ја сведоа на „маалска дискусија за политика на клупа пред зграда“, во текот на расправата на комисијата.

Сепак, иако правото, Уставот и меѓународните документи се на моја страна, јас нема да дозволам нашата партија и пратеници заради мене и мојот мандат да бидат изложени на било какви притисоци, на лажна пропаганда, на непријатности и на медиумски линч од страна на власта и нејзините апологети.

Не сакам понатаму ниту да дадам можност на СДСМ користејќи ја оваа тема да ги избегнува дебатите за суштинските теми и проблеми кои го засегаат народот и да ги задскрива своите криминални политики“, пишува Груевски од Будимпешта.

Оставката доаѓа во екот на дискусија за одземање на неговиот пратенички мандат, а собранискиот спикер пред два дена најави дека од 7 јуни па натаму би можело да се одржи првата наредна седница на Собранието на која би се гласало за одземање на мандатот на поранешниот премиер и пратеник Никола Груевски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...