Груевски парна но, груевизмот не се помрдна од место. А богами и на првите околу „диктаторот“ влакно не им фали. Сите очекуваа да се најдат во Шутка или во Идризово, а тие и покрај тоа што се виновни, упорно докажуваат дека се чисти. А и „нивните“ судии не ги даваат. За сто кебапи веднаш пресуда, а за милиони евра месеци и месеци ќе се докажува, ќе се чека. И покрај грешките што ги прават СДСМ не се сменети и поголем број од нивните верни „послушници“ во министерствата, училиштата, установите. Што е полошо, тие, пак, не ги менуваат ниту навиките на работа. Си тераат по старо. Што ќе им речат груевистите тоа го прават. Опструкции, шпионажа.
Победниците, пак, СДСМ, кои дојдоа на голема врата и понатаму „продаваат“ демократија. Народот очекуваше многу повеќе. Очекуваше „диктаторот“ и неговите да одговараат за криминалиите и за сѐ друго што ѝ направија на Македонија во изминатите десет години. Навистина прават сѐ да ја исправат државава, да ја внесат во НАТО и ЕУ и да обезбедат подобри услови за живот за сите и покрај тоа што секојдневно наидуваат на „сопки“ од ВМРО. Ги обвинуваат за предавници. Народот, кој очекува подобар живот, не им простува што ајдуците и понатаму се „кокорават“.
Не се согласува тие на цел глас да се против Референдумот за договорот со Грција кој е виза за влез на Македонија во НАТО и ЕУ. Слободно, па и вулгарно секојдневно ја обвинуваат Владата за сѐ и сешто, а за време на нивното владеење, за такви работи, збор не даваа да се прозбори, а не нешто да се направи. Се знаеше сите што не беа со нив беа против нив, а за таквите пак, нивниот суд право ги праќаше во Шутка или во Идризово. Сега за да го поддржат референдумот бараат амнестија за нивните челници.
Бараат да се донесе одлука дека нивните раководители не украл милиони евра народни пари!? Дека не направиле криминал. Да бидат ослободени, демек да си „докрадат“ оти она што го украле им било малку. Срамота!
За нивните арамилаци го обвинуваат СДСМ. Секојдневно обвинуваат за „неправилни“ тендери, за дадени неповратни пари од Фондот за иновации, за вработувања и што ли уште не. Народот вели: „Крив е СДСМ што веднаш не ‘пресече’ сите корумпирани обвинители и судии да си ја добиеја заслужената казна, а Груевски и неговата компанија да одговараа за крадењето пари и за сѐ друго што направија во изминатите десет години! Не може арамиите и понатаму да бидат газди. Македонија има право да оди напред и да има подобар живот за сите. Доста беше диктатура!“.
Сите знаат дека македонскиот народ е трпелив народ и чека и ќе чека сѐ додека не му дојде преку глава!