Поранешниот премиер Никола Груевски е осуден на две години затвор во случајот Тенк за набавката на мерцедесот. Поранешниот помошник миностер Ѓоко Поповски доби шест години и шест месеци затвор.
Кривичното дело кое му се ставаше на товар на екс премиерот во „Тенк“ е примање награда за противзаконско влијание, додека на Поповски злоупотреба на службената положба и овластувања.
Поповски вчера беше осуден на казна затвор од девет години во случајот „Триста“ кој се однесува на набавката на 300 возила во МВР, покрај одлежувањето на затворската казна тој ќе треба и да врати околу 450.000 евра во буџетот, сума за која ја оштетил државната каса со незаконските набавки. Тој денеска не се појави во судница да ја слушне пресудата бидејќи, како што вчера рече неговиот адвокат, се вознемирил и самиот го побарал тоа.
Кога вчера му беше изречена пресудата, поради можност од бегство обвинителката Фатиме Фетаи побара притвор кој беше одобрен од страна на судот, па Поповски од судница директно беше спроведен во затворот во Шуто Оризари.
Како мерцедесот го одвезе Груевски до првата пресуда?
За набавката на мерцедесот СЈО ја отвори истрагата во јануари 2017-та под кодно име „Тенк“, а обвинението беше поднесено јуни истата година. Судењето започна кон крајот на јануари годинава. Покрај Никола Груевски и Ѓоко Поповски, со нив на обвинителна клупа седеше и екс министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, но поради ризична бременост постапката за неа беше одвоена.
„Тенк“ ќе се памети во јавноста и како еден од случаите во кои одбраната со низа приговори и забелешки се обидуваше да ја оспори и одложува постапката, а од друга страна и како случај во кој се одржаа и неколку маратонски рочишта кои траеја и по завршувањето на работното време на судот. Едно од нив беше рочиштето на кое се слушаа „бомби“, кога по низата паузи поради приговори на одбраната, обвинетите, адвокатите и обвинителите останаа во судница до речиси 22 часот за да ги слушнат осумте телефонски разговори.
Во текот на постапката се сослушаа и низа сведоци, најмногу – десетина, беа од обезбедувањето на Груевски кои ја потенцираа потребата од набавката на ново блиндирано возило бидејќи стариот мерцедес често се расипувал, а набавката на делови била скапа и траела долго. Тие, како и поранешниот премиер, говореа дека тој се возел во мерцедесот само кога стариот бил расипан. Меѓу исказите на овие сведоци имаше и дека често откажувале кочниците, па еднаш возилото за малку ќе излетало од патот накај премиерската вила на Водно, како и тоа дека еднаш кога Груевски не бил во возилото, мерцедесот поради откажување на кочниците се забил во ограда од двор на куќа спроти американската резиденција во Скопје.
Во судница се појави и поранешниот шеф на обезбедувањето на Груевски, Дејан Митревски – Урко чие сведочење ќе се памети и по неговиот исказ дека од шофершајбната на стариот мерцедес се правела диоптрија и тој си го оштетил видот.
Од друга страна, пак, СЈО во овој судски процес не ја оспоруваше потребата од ново возило туку начинот на кој бил спроведена постапката за набавка и фаворизирањето на компанијата преку која е набавен. Обвинителите изведуваа докази дека најпрво во 2011 било планирано да се купи поволно блиндирано возило за 22 милиони денари бидејќи според тогашните проценки на МВР, набавката на ново би била вонредно скапа.
Набавката не била спроведена, но во образложението пишувало дека истата ќе се повтори, а не дека набавка ќе се распише пак, но за ново возило. Понатаму, наведуве обвинителот Стевчо Донев, во годишниот план за јавни набавки за 2012 потпишан од Гордана Јанкуловска биле одредени 15 милиони денари за набавка на блиндирано возило, но потоа го зголемиле износот на 30 милиони денари.
Од тимот на Катица Јанева изнесуваа и докази од допишувањата меѓу македонската и германската фирма.
Како судскиот процес се движеше кон крајот, Никола Груевски постојано потенцираше дека ова е политичка хајка против него и оти пресудата однапред се знае. Тој изјавуваше оти постои договор меѓу судијката Добрила Кацарска и премиерот Зоран Заев кој се состои во тоа таа да стане претседателка на Апелациониот суд во Скопје, а за возврат во „Поткуп“ каде обвинет беше Заев, да се донесе ослободителна пресуда додека во „Тенк“ Груевски да биде осуден.
Тој зборуваше и дека е обвинет за сакање, како и оти ова е процес кој се води паралелно со цел да се замајува јавноста бидејќи ќе се менува името на државата. Истото, во неговите завршни зборови се обиде да им го каже и на судијката Добрила Кацарска и на другите судии од судечкиот совет, меѓутоа судијката не му дозволи велејќи му дека дека не е во Собрание, на владина седница или на прес-конференција, па во судот да не држи политички говори и лекции туку да зборува само за обвинението за мерцедесот.
Ова е прв од петте случаи кој дојде до разрешница пред првостепениот суд, а во кој обвинет е Груевски. Тој на обвинителна клупа седи и во предметите „Титаник“, „Траекторија“, „Т.Н.Т.“ и „Насилството во Општина Центар“.