Сакам да го изнесам мојот став дека по изведувањето на доказите на Обвинителството и на одбраната, произлегува дека не сум го сторил делото за кое сум обвинет. Сите изнесени докази и од страна на Обвинителството и од наша страна го покажаа тоа. Согласно поуката која ја дадовте на почеток на судскиот процес дека не сум должен да ја изнесувам својата одбрана, ценам дека нема потреба да го правам тоа, рече поранешниот премиер Никола Груевски на рочиштето за предметот „Тенк“.
Тој денеска требаше, по предлог на одбраната, да одговара на прашањата на адвокатите, но и на обвинителите и на судот, но попладнево реши да се откаже.
Истото го стори и другиот обвинет Ѓоко Поповски. Претходно, речиси цел ден во судот адвокатите и обвинителите си реплицира дали и кој треба да решава за изземање на Катица Јанева и обвинителите Стевчо Донев и Ленче Ристоска од предметот откако такво барање поднесе одбраната на Груевски. Откако побараа, судот даде пауза по која обвинителите доставија известување до судот од Катица Јанева која ги отфрли барањата за изземање на двајцата обвинители и оти не може да се бара нејзино изземање.
Обвинителите од СЈО потенцираа дека нема законска основа да се бара Јанева да донесе такви решенија, ниту пак Советот на јавни обвинители да решава за нејзино изземање. Тие ваквите барања ги оценија како обиди да се одолговлекува постапката.
Адвокатите рекоа дека Јанева треба да побара друга институција да одлучи или пак да побара автентично толкување на законот. Сепак, судијката Добрила Кацарска одлучи да продолжи судењето. Откако Груевски и Поповски рекоа дека не сакаат усно да ја изнесат својата одбрана се изведоа дополнителните докази кои ги прибрале странките во текот на постапката.
На наредното рочиште адвокатите ќе се произнесат за дополнителните докази, а за рочиштето по тоа, Кацарска им рече да ги спремаат завршните зборови. Откако ќе бидат дадени завршните зборови, ќе остане само судот да ја донесе пресудата. Според распоредот за рочиштата за „Тенк“, извесно е дека првата пресуда за предмет во кој е обвинет Груевски ќе биде токму овој кој се однесува на блиндираниот „мерцедес“.