Поранешниот премиер Никола Груевски и неговите адвокати, како што најави вчера, не се појави на седницата во Апелациониот суд во Скопје на која треба да се разгледува жалбата за затворските казни за него и поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски во случајот Тенк на СЈО.
Во Апелација се појави Поповски кој беше спроведен од притвор, како и неговиот адвокат Стерио Зиков и обвинителот од СЈО Гаврил Бубевски.
Надвор, околу судската зграда, пак, може да се забележи големо полициско присуство поради најавениот протест кој вчера се организираше преку социјалните мрежи.
Само што почна седницата судечкиот совет даде пауза бидејќи адвокатите на Груевски, иако не се појавија, поднеле барање за изземање на Катица Јанева.
Груевски вчера обвини дека на него не му суди судот туку политиката, оти има политички притисоци врз судиите и оти се знае дека каква ќе биде пресудата. Според неговите сознанија, рече тој, сакале да го апсат во предвечерието на референдумот.