Поранешниот премиер Никола Груевски на Фејсбук порача дењка ја известува јавноста дека нема обвинение по член 353 став 5 кое се однесува на злоупотреба на службената должност поврзани со јавни набавки или штета на буџетот. Греуевски се огласи на социјалните мрежи по обвинувањата дека неговите адвокати со барање на поништување од Уставниот суд на член 353 став 5, сакале да издејствуваат амнестија за него.
„Јасно е дека во недостаток на проекти и паметни работи, портпаролот на СДСМ има добиено насока да ме спомнува во секоја прес конференција и за се и сешто.
Очигледно мислат дека така им се поинтересни прес конференциите.
Јас најчесто ги игнорирам овие секојдневни нивни прес конференции, соопштенија, изјави и секојдневни лаги, но вчера и денес решив малку за промена да им одговорам, колку да потсетам за какви измамници се работи.
Вчера ги демантирав за предметот за патиштата каде лажеа дека сум одел на суд за наводни земени провизии.
Кажав дека одам на суд заради обвинение (член 359 од ЗКП), дека сум влијаел да се изградат патиштата со цел да остварам корист со тоа што ќе сум добиел политички поени пред гласачите на изборите заради завршената градба на патиштата.
Знам дека на многумина не им се верува дека тоа е можно, ама така е.
И многумина мислеа дека за набавеното блиндирано возило Мерцедес сум осуден заради некаква измама, провизија, злоупотреба на буџетски пари и сл., но и таму сум теретен за истиот член-сум влијаел да се купи возилото бидејки сум сакал покрај другите ВИП гости и јас понекогаш да бидам превезуван во него.
И за тоа ,,независните,, судии оцениле дека требало да одам 2 години во затвор.
Денес истиот портпарол објави дека моите адвокати побарале поништување од Уставниот суд на член 353 став 5 и ја извести јавноста дека со тоа сакале да издејствуваат амнестија за мене, ама СДСМ немало тоа да го дозволи.
Ја известувам јавноста дека јас немам обвинение по член 353 став 5 кое се однесува на злоупотреба на сл.должност поврзани со јавни набавки или штета на буџетот.
Всушност јас немам обвинение кое ме терети за било што поврзано со корупција, провизии, имотна корист, јавни набавки и слично.
Мене освен по член 359 што го опишав погоре, ме теретат за рушењето на дивоградбата на Фијат, каде ме теретат за имотна штета за една класична дивоградба за која Фијат своевремени тужеше и загуби на сите судски истанци. Ме теретат и за потикнување насилство, за шамари кои не постојат и во Титаник за работи поврзани за изборите.
Сепак, СДСМ се труди со сите сили да создаде перцепција дека на суд одам заради финасики злоупотреби и проневери, и во секое нивно соопштение или прес конференција се трудат да создадат таква слика во јавноста.
Еден ден ќе дојде крај на луѓето кои сега прават политички прогон, а со тоа и на нивните пиуни кои секојдневни ја лажат јавноста.
Што ќе прават потоа?“, напиша Груевски.