Пратениците од унгарската опозициска Демократска коалиција истакнаа плакат со ликот на избеганиот Никола Груевски на еден од прозорците на својот парламент, со зборовите „Орбановиот ВИП-мигрант“, јавуваат унгарски медиуми.
Опозициските партии денеска во парламентот побараа формирање анкетна комисија за случајот со Никола Груевски за да се утврди евентуалната вмешаност на унгарските власти во бегството на осудениот поранешен премиер на Република Македонија, а минатата недела ја повикаа унгарската влада да го уапси и брзо да го екстрадира Груевски.
Унгарската националистичка партија Јобик, како и левичарските партии како Дијалог и Демократска коалиција, порачаа дека на Груевски треба да му биде одбиен азилот и дека тој треба да биде екстрадиран во Македонија.
Пратеникот и портпарол на Јобик, Адам Миркоцки, тогаш ја нарече ситуацијата „скандал без преседан“, велејќи дека Груевски е „баран криминалец“ од земја што не е во војна и дека не е прогонуван од верски или од политички причини.