Груевски и Богоевски ќе размислуваат за апанажа од 1.000 евра

695

Никола Груевски, кому денеска му беше констатирана оставката во Парламентот и кој по судските процеси доби политички азил во Унгарија, според Законот за пратеници има право да побара да остварува плата и по престанувањето на мандатот за време до една година. Ова право го има и Павле Богоевски, кој денеска поднесе, а Собранието му ја констатира оставката.

Засега нема информација дали Груевски, кој е во Будимпешта, ќе поднесе барање за плата, додека Богоевски, како што кажа на прес-конференција во Собранието, сé уште размислува за тоа.
Од Кабинетот на претседателот на Собранието информираат дека досега Груевски не поднел барање за апанажа.
И Груевски и Богоевски беа пратеници повеќе од две години односно во парламентот се од крајот на 2016 година и според Законот за пратеници можат да остваруваат право на плата една година. Сумата што тие би ја добивале е 63.000 денари, односно онолку колку што изнесуваше досега нивната плата.

Во членот 36 од Законот за пратеници се наведува дека пратеник во Собранието може да остварува плата и по престанување на мандатот за време до една година и тоа: три месеци ако мандатот на пратеникот траел до шест месеци, девет месеци ако мандатот на пратеникот траел до 12 месеци и еден ден до 24 месеци, и 12 месеци ако мандатот на пратеникот траел 24 месеци и еден ден и повеќе. Пратеник може да остварува плата и подолго од една година, а најмногу уште шест месеци, доколку во тоа време стекнува право за старосна пензија. За време на остварувањето на ова право пратеникот нема право на други лични примања и надоместоци на трошоци.

Според Деловникот за работа на Собранието пратениците на кои им престанал мандатот и поднеле оставка, барање за плата односно апанажа треба да поднесат до Комисијата за прашања на изборите и именувањата.

Личното барањето треба да се поднесе најдоцна во рок од 30 дена од денот на престанувањето на функцијата.
Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...