Со оглед на тоа што до ден-денешен официјалните ставови на ВМРО-ДПМНЕ со ниту еден збор не се дистанцираа од ликот и делото на својот некогашен партиски претседател, кој и денеска, во бегство, гордо им ја носи таа почесна функција, мислам дека единственото исправно решение за најголемата опозициска партија ќе биде Никола Груевски да го кандидира на претстојните претседателски избори во Македонија.
Да повторам – Груевски за претседател!
Да видиме кои се добрите причини за евентуална ваква одлука на ВМРО-ДПМНЕ?
Прво, затоа што, објективно, немаат подобар кандидат. Со цел респект на сите до сега спомнати фигури од таа партија, Груевски е, објективно, единствениот кој ќе мобилизира партиска поддршка зад себе каква што никој друг не би поттикнал. Имено, неговата кандидатура ќе биде референдумско изјаснување за или против досегашниот „лик и дело“ на Зоран Заев, а омразата кон Заев во таа партија (но и во еден значаен дел во општеството) е, најблаго речено, значителен политички мотив за дишење воздух.
А, кој ќе гласа против Груевски? Па, сите оние кои и онака би гласале против ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи со кандидатурата на Груевски таа партија не би изгубила ниту еден глас кој би отишол за некој друг вмровски претседателски кандидат. (На страна тоа за кого Али Ахмети, всушност, ќе даде инструкции да се гласа или, пореално, да НЕ се гласа на таквите избори).
Второ, со кој било друг кандидат, ВМРО-ДПМНЕ е соочена со извесно губење на претседателските избори, доколку, на еден или на друг начин, партијата не оди на бојкот на изборите. Вчерашните две изјави на Мицкоски дека, од една страна, тие сигурно победуваат на претседателските избори; и, од друга страна, дека нема да гласаат за антикорупциските законски решенија (бидејќи биле бла-бла-бла…), што значи неможност да се формира нова Државна комисија за борба против корупцијата до распишување на изборите – звучи како подготвување терен за повик на изборен бојкот.
Значи, бидејќи кандидатурата на Груевски, од Будимпешта, за претседателските избори ќе биде исправена пред којзнае колку правни контрадикторности – веќе уживам во вресоците на Каракамишева и тоа женско друштво, доколку Иванов, на пример, не реши со еден „демоклов“ потег да го помилува за неговото досегашно вонзаконско однесување – тогаш власта ќе биде пред деликатно политичко решение дали таа кандидатура може да биде валидна?! Но, како и да излезе тоа решение, целиот процес за ВМРО-ДПМНЕ ќе биде примамлива морална победа, а и добар повод за бојкот на изборите доколку витешката кандидатура Груевски не биде прифатена од „режимот на Заев“.
Впрочем, после сите правни отстапки и кршења на законите во име на „помирувањето“ овозможени од СДСМ, не гледам зошто и приклучувањето на Груевски на списокот на „помирени“ би бил неприфатлив правен преседан? Груевски никогаш не рекол дека е против НАТО и ЕУ. Напротив, би можело да се тврди токму спротивното: со „помирувањето“ со Груевски се затвора кругот на оние со кои се комплетира историскиот проект на СДСМ за национално содружништво, од тука натаму и за век и вјеков до сто и една и назад!
Трето, за самиот врмовски претседател Мицкоски таквата кандидатура би била идеално решение – без разлика што ќе се случи со исходот од целата таа епохална контроверза! Просто е: Како и да излезат изборите, нема да има никој релевантен во и вон партијата што ќе може да ја бара неговата „глава“ за таа изборна одлука. Ако победат, голем дел од славата оди за Мицкоски; ако изгубат, нема горчина за него во тој пораз, напротив, гестот би бил комбинација од патриотизам и џентлменство кон обесправениот бивш лидер (и газда „во сенка“), што ефикасно би ги загушило сите „бунтовнички“ струи кои сега му се закануваат од внатре во партијата со барање за негова постизборна одговорност; доколку, пак, Груевски не биде прифатен за кандидат од страна на државните власти, Мицко може да ја накриви капата и „на гради“ да ја дочека уставната криза во која ќе влезе Република Северна Македонија со пропаднати претседателски избори. Порозова иднина од таа за ВМРО-ДПМНЕ не може да се замисли!
Да заклучам: сите околности упатуваат на тоа дека, ако се има предвид доследноста на сегашното ВМРО-ДПМНЕ во верното следење на политиката на Груевски – особено откако Мијалков, со премолчена поддршка од братучед му Никола, го прогласија за „големиот виновник“ за грешките на партијата во минатото – не гледам никаква причина за тоа Груевски да не биде единствениот, неспорен, победнички кандидат на ВМРО-ДПМНЕ на следните претседателски избори во земјава.
Замислете ја таа спектакуларна изборна конфронтација, како во костимираните холивудски средновековни драми: Тоа би бил историски судир меѓу филозофијата на гулашот и уметноста на ајварот во Македонија!
Извор: Цивил медиа