Поранешниот премиер Никола Груевски на својот Фејсбук профил објави информација дека унгарските власти му го одобриле барањето за азил.
Во продолжение фејсбук статусот на Груевски интегрално:
„Денес Република Унгарија, земја членка на ЕУ и НАТО, одговори позитивно на моето претходно поднесено барање за добивање политички азил поради политички прогон во Република Македонија.
Во барањето за политички азил наведов дека истиот го барам заради политички прогон од новата влада предводена од партијата СДСМ.
Наведов дека владата сака да ми ја одземе слободата користејќи недемократски чекори и методи и злоупотребувајќи го обвинителскиот и судскиот систем во Македонија.
Објаснив како сè почна – со почетокот на објавувањето на нелегално стекнатите аудио матерјали, назначувањето на специјален јавен обвинител кој стана партиска алатка на партијата СДСМ, исто како и судот. Ги опишав сите неправди, нерегуларности, незаконско работење, дискриминација, конструирани судски процеси и пресуди, конкретните судски постапки против мене и тортурата која по формирањето на новата влада ја трпам јас, но и голем број други мои соработници, давајќи конкретни примери и конкретни докази. Завршив со бројните закани по мојот живот со кои се соочуваав во последните денови пред да ја напуштам Република Македонија.
Посочив и приложив конкретни примери дека во Република Македонија не постојат услови за фер и законски судски процес, ниту пак начин во една ваква атмосфера на политичка хајка од страна на владата да го заштитам мојот живот од бројните закани кои ми беа упатени.
Во Македонија се соочив со судии кои за секое мое барање или на мојата одбрна, чекаат инструкции како да одлучат од владата или од специјалниот јавен обвинител, од кого и самите судии се плашат и кого го гледаат како преставник на актуелната влада.
Посебно ги објаснив неколкуте фундаментални прекршувања на законите, меѓу кои, спротивно на закон користењето на нелегално стекнати аудио матерјали кои под надворешен притисок судот ги прогласи за легални, користењето на копии кои не се споредени со оргиналот како докази врз основа на кои се носат пресуди, користењето на вештаци кои спротивно на закон прават вештачења без лиценца за вештачење, флагрантното кршење на законот за приватност и игнорирањето од страна на судот на сето ова, работењето на македонските судови спротивно на праксата на судот во Стразбург, како што е примерот со отфрлањето на актите за прекин на постапка издадени од страна на претседателот на Македонија во два конкретни случаи, и нивно прифаќање во земја членка на ЕУ, недавањето можност и доволно време за подготовка на одбраната преку свесно набивање на судења секој ден, понекогаш и по цели денови, издаденото мислење на Комисијата за заштита од дискриминација која наведе дека сум предмет на директна дискриминација од страна на судијата Добрила Кацарска и од страна на Основниот суд Скопје 1, објавувањето на пресудата за случајот ,,Тенк“ во смисла дека ќе бидам прогласен за виновен, од страна на актуелниот премиер околу 10 дена пред судијата да ја објави одлуката, и огромен број други факти и докази кои ги образложив и од кој се состави огромен записник од над 30 страни.
Судот и обвинителството се претворија во инструмент за политичка уцена и пресметка со политичките неистомисленици, како и покривање на неработењето на владата.
Последните одмазднички притвори на Миле Јанакиески и Кирил Божиновски, кои очигледно се притворени само за владата да ја ублажи критиката по моето заминување од земјата и барање политички азил заради политички прогон, со лажни, фабрикувани и непостоечки докази само ја потврдуваат атмосферата во која денес живее Република Македонија.
Денес во Република Македонија се живее во услови на репресија од страна на владата, дискриминација, прогон, политички апсења и целосна контрола на владата врз судскиот и обвинителниот систем, вадење и ставање во притвор или затвор според политичките прилики и потреби.
Наместо унапредување на судскиот систем, Македонија има уназадување. Судот и обвинителството се користат како политичка алатка на владата заради остварување на своите политички цели и уцени.
Јас одлучив да се спротиставам на сето ова, и со мојот чекор да го издигнам ова прашање на повисоко ниво.
Некој може да ме сака или да не ме сака, да се согласува или да не се согласува со мене, да смета дека водам добри или лоши политики, но не може да го негира или да ги затвори очите пред она што се случува во Македонија во овој период а кое го опишувам.
Јас одлучив да не ја исполнам желбата на СДСМ, додека тие ја разграбуваат и распродаваат државата и националните интереси да седам затворен со политичка одлука и секојдневно да се борам за преживување во затворот, за каде добив сознание дека ми се подготвува ликвидација.
Одлучив да ја продолжам борбата за македонската кауза, за каузата на Република Македонија, на начин на кој единствено можам во моментот, на начин на кој многу други личности низ историјата кога имале можност го правеле. И како што кажав во претходната објава, јас никогаш нема да се откажам од таа кауза.
Јас не избегав од правдата,туку користејки други меѓународно правно регулирани методи продолжувам да ја барам правдата и за мене и за сите други жртви на политичкиот прогон во Македонија.
Јас до последен момент, иако гледав колку неправедно ме обвинуваат и судат, иако беше видливо дека судиите уште пред да го почнат судењето и пред да ги погледнат доказите, ја знаеја пресудата, секојдневно, како никој досега се соочував со правдата, се до моментот кога актуелната влада не одлучи неправедно и со политичка одлука да ме стави во затвор а потоа и да ме ликвидира.
Јас јавно кажав дека сум подготвен да одам во затвор доколку Заев се одкаже од погубните политики за Македонија и малтретирањето други луѓе.
Но тој очигледно сака се. Сака и да ја реализира распродажбата на националните интереси, и да го реализира разграбувањето на државата, и да ги суди и осуди стотици мои соработници и мене да ме затвори и ликвидира.
Одлучив да се борам и да се спротиставам на овој кукавица кој безочно секојдневно го лаже и краде својот народ и ја злоупотребува државната функција на која дојде на нечесен начин.
Македонија не смее да остане земја каде владата владее со судскиот систем и каде има политички прогони секој ден. Огромен број луѓе се под политички прогон во Македонија. Тоа мора да запре.
Македонија треба да стане членка на НАТО и ЕУ, но несмее да се дозволи под превезот на оваа цел, актуелната недемократска власт да се пресметува со политичките неистомисленици и да им конструира судски случаи и затворски казни, со цел да може непречено да прави криминал, корупција и распродажба на државните и национални интереси“, пишува Груевски на Фејсбук.