Според неофицијални информации, бегалецот Никола Груевски ги распрашувал членовите на обезбедувањето дали имаат увид кој затвор има најдобри услови, па дури и нарачал да му купат парчиња облека за затворските денови, пишува Дојче Веле.
Неговите телохранители, според досега недемантирани информации последен пат го придружувале Груевски на пат до домот во четврток навечер (8 ноември) околу 23 часот, практично биле последните кои имале контакт со него. Дали тие знаеле за планот на нивниот штитеник и дали биле дел од логистиката?
„Тие сигурно не биле вмешани. Беа уверени дека Груевски ќе оди на издржување на затворска казна, врз основа на повеќе околности. Наводно, тој ги распрашувал дали имаат увид во кој затвор во Македонија има најдобри услови да ја издржува казната, па му посочиле дека тоа е затворот во Штип. Наводно, им нарачувал да му купат нови тренерки, патики, пижами и уште некои други работи кои би му биле потребни во затворот, со што го зацврстил впечатокот дека се подготвува за издржување на казната и за ништо друго“, раскажува припадник на обезбедувањето.