Има моменти кога ми се чини дека бегството на Груевски се доживува повеќе како извор на чудно, но многу интензивно задоволство, отколку како пораз и катастрофа, односно бегството се проектира како пораз и смртоносна катастрофа за да може задоволството од спектакуларниот чин на бившиот дрматор да се искачи до највисоките оргазмички височини. Тоа потсвесно длабоко тонење во самопрезирот има основи и исходишта во националниот карактер и во филозофијата на саморазбирањето, а на тековен план има основи во загубеноста на сите други важности на луѓето и на нивната перцепција и проекција на заедницата, во недостигот на какви било релевантни значења кои би биле комуницирани и кои на тој начин би ја обезбедувале минималната смисла и кохезија на заедницата.
Но, смртта е сѐ уште меѓу нас, катастрофата, исчезнувањето на нацијата, исчезнувањето на Груевски, гостувањата на Јанкуловска и на Пандов, тоа се убави шанси да се доврши катастрофата во која нацијата наивно влезе преку проектот на Груевски и можност да се затвори предметот на сопствената одговорност.
Веќе пишував дека забележувам различни нијанси на расположенија во врска со бегството на Груевски, но во рамките на оние што во кидавелата на бившиот премиер гледаат врвен сексуален чин врз невиноста на Македонија и причина за отфрлање на обесчестената жена од можноста да биде држава, јас ги препознавам оживеаните надежи на оние што минатиот петок, по притворањето на Камчев и друштвото ги беа загубиле сите надежи дека можат да ги расклатат позициите на власта. Ним им е сеедно дали ќе се закачат за комарците, ѓубрето, налепниците или бегството на најголемиот мирновременски злосторник во поновата историја на Европа.
Последна шајка во сандакот на ВМРО
Се разбира, јас останувам на оценката дека бегството е скандалозна дискредитација на системот, злосторнички потфат, а не индивидуален чин и дека мора да се утврдат сите факти и одговорности, но од таа позиција до славењето на Груевски како супермен кој не само што им го начукал на сите туку со тоа ги искорнал самите основи на Македонија и го затворил случајот во своја полза, е многу далеку!
Но, да го оставиме за момент овој колективен психопатолошки портрет на нацијата. Да го оставиме и Обвинителството да истражи кои сѐ домашни и странски субјекти биле вклучени во организацијата и остварувањето на бегството на Никола Груевски и да се запрашаме какви се импликациите на тој чин. Сериозното занимавање со тоа прашање може да парира на катастрофичните визии кои доминираат во јавниот дискурс, а посредно, може да не доведе и до одговор на прашањето ко нам је урадио ово, мама.
Прво, бегството е последната шајка во погребалниот сандак на ВМРО-ДПМНЕ. И на ВМРО како такво и никакво. Крај на еден мит и крај на еден политички концепт, енде на една злосторничка инсталација камуфлирана во политичка партија. Тоа што таму сè уште има некакви манекени што неспретно глуматаат некакви портпароли, политичари и лидери, е проблем на нивната одлепеност и некултура, која не им дозволува да ја сфатат драмата во која се наоѓаат и тие и нивната организација. Завршена е и приказната за реформските и конзервативните елементи затоа што сите стојат на гомнестата основа што им ја остави Груевски. Без мит, без идеологија, без лидер, без имот, без почит. Финито.
Второ, СДСМ е оштетен, но не како идеологија или доктрина затоа што по таа линија партијата е одамна оштетена, да не речам-мртва. Но, како власт и како систем, како одговорност за општите состојби, за контролата на ситуацијата-да! Макар што, мислам, под нивото што го заговара општонародната хистерија. Велат дека Груевски ќе го бутнел Заев! Па, може, ако се возат во ист чамец на Балатон!
Трето, избегнат е статусот на Груевски како генератор на нестабилност, на немири, протести, демонстрации итн. На маченик. Ако беше однесен во Шутка. Тоа не е безначаен аспект. Надвор е не само безопасен туку е и корисен за општата стабилност и тоа ќе се види штом ќе стивне еуфоријата, всушност веќе се гледа.
Четврто, избегнат е триумфализмот, не толку на СДСМ колку на симпатизерите на СДСМ и борците против ВМРО-ДПМНЕ, работа што можеби некој ја оценил како не сосема добра за Македонија во овој момент. Симболичната важност на Груевски и на неговото затворање беше и сѐ уште е многу голема и во таа смисла може да биде и опасна.
Петто, општата разочараност која нема сила да избие туку е пасивна, помага да се обликува општеството како погодно за моделирање на идните решенија, така што се ослободува од вишокот значења за себе.
Шесто, во вака раскурцаното општество и политичка претставителност, се зголемуваат шансите да поминат уставните промени и Преспанскиот договор како приоритет број еден. Се спуштаат, во таа смисла, сите отпори, политичката и собраниска сцена се атомизира и индивидуализира и полесно може да се менаџира целиот процес.
Седмо, да, ова е некаква форма на дефокусирање.
Осмо, тоа говори дека во тој мастерплан, Македонија е фикс.
Планот не е по ќефот на Македонците, но сигурно е поповолен за Македонија отколку што се шансите на патетичните и плачипичести визии на Македонците. На некој начин Македонија се спасува од Македонците.
Деветто, нарушена е рамнотежата во политичкиот систем до нивото кое може да се оцени како став дека тој ги има искористено своите перформанси и дека, можеби, треба да се размисли за нови решенија и субјекти.
Тоа е мојата мала теорија на заговорот. Мислам дека е прилично реална. Тоа не се мои ставови туку претпоставени резони на големиот архитект. Ова не е минимизирање или релативизирање на одговорноста за бегството на Груевски. Напротив јас од почетокот инсистирам на детална истрага и колку што можам да забележам, таа веќе се прави.
Спектакуларно враќање
Но, да видиме сега некои други аспекти на спектаклот.
Да не беше на погрешната страна во најважните европски и светски процеси и феномени, Унгарија ќе беше три пати поголема. Некои велат дека антиевропската политика на Орбан има исходиште во тој аспект на националната драма, но и исходиштето и ориентацијата повторно ја ставаат Унгарија на страната која ќе биде губитничка дури и ако победи. Тоа се разбира, не мора да значи дека ќе се смали за уште две третини, но значи дека може повторно са биде во кругот на земјите кои ќе мора да платат некаква форма на политички и други репарации. Национализмот, историцимот, популизмот, со елементи на расизам и фашизам, диктатурата со антиправност и антиевропскост водат во катастрофа дури и кога се во зенитот и оставаат впечаток дека работат во корист на народот.
Краен исход на таквите политики е војната, елемент на кој така убедливо предупредија Меркел и Макрон при одбележувањето на стогодишнината од крајот на Првата светска војна. Идејата да се формира десничарска интернационала која ќе ја урива Европската Унија и другите европски институции во копродукција со американски идиоти од типот на Стив Банон и московските експанзионисти, е срамотно и многу опасно ниско ниво на политичкиот дух и инспирација, разорен модел против животот, бајка на лудаците кои наумиле да ја преуредат Европа по моделот на својата лудост.
Каква врска има ова со бегството на едно мало шаткасто чудовиште, кое во еден неверојатен стек на историски околности, дојде на чело на една заблудена и лесно превртлива нација и остана на тој врв да ја растура и пљачка цели единаесет години?
Има неколку поврзници.
Орбан мора да знае дека угостува еден човек што до пред три години беше понеприкосновен и во релативна смисла помоќен отколку што е тој денеска. Тоа би требало да му укаже на променливоста на нештата и на не баш малите шанси и тој утре да тргне по белиот свет да бара азил. Можеби тоа го тера да биде солидарен со монструмот од Македонија, но јас би му сугерирал нешто друго, гостинот треба да го упати на потребата да се сопре навреме, да не прави чекори што утре ќе го натераат да бега како што бега неговиот гостин, кој пак можеше така да постапи да беше макар малку попаметен од нивото на едно седмоодделенче. Обаче не! Второ, ако не друго, освен, парите што ќе му ги собере, тоа е јасно, Орбан добива еден војник плус за утрешните судири што ги подготвува во копродукција со останатите европски лудаци. Неговата шаткастост му ја ограничува употребната вредност како војник, не може да се движи во шанец, на пример, но може да сопре десетици непријателски куршуми и шрапнели за бојните отрови и да не зборуваме зашто има нос како куртовска капија.
Конечно, почитувани, јас сум еден од ретките што веруваат дека злосторникот ќе се врати или ќе го вратат во Македонија на спектакуларен начин. Тоа гомно шири неподнослива смрдеа низ целиот континент и ќе мора да се капсулира во некој затвор. Реакциите на Стејт департментот, на Европската комисија, на европски министри и пратеници, на партии и партиски асоцијации, на опозицијата во самата Унгарија, конечно на македонските органи и политики, говорат дека неговата бегалска авантура нема да трае долго, неговото враќање може да биде најсилен можен импулс за реконсолидација на општеството.
Кога?
Па, мислам по финализацијата на работите околу Договорот од Преспа!