Груевски бара одлагање на седницата, Апелација одби, се бара изземање на Судечкиот совет

733

Судечкиот совет во Апелацискиот суд не го прифати барањето на адвокатите на обвинетите за одложување на седницата на која се одлучува по жалбата на поранешниот премиер Никола Груевски за пресудата во случајот „Тенк“ за набавката на луксузниот „мерцедес“ вреден 600 илјади евра.

Според Судечкиот совет барањето на одбраната не претставува основ за одлагање на јавната седница, појасни судиката Цветанка Периќ.

Адвокатот Штерјо Зиков забележа дека тие мораат да одат на други судења кои се приоритет бидејќи станува збор за притворски предмети. Тој посочи дека сериозно ќе му бидат загрозени правата на Груевски ако седницата се одржи без присуство на неговите четворица адвокати.

Груевски рече дека неговите адвокати мора да одат на другите рочишта кои се водат против него бидејќи во спротивно се соочуваат со високи парични казни. Побара одложување на седницата и закажување на нов термин.

Адвокатот Зиков поднесе и барање за изземање на Судечкиот совет по што судиката Периќ ја прекина седницата за да го достави барањето до претседателот на Апелација.

За случајот „Тенк“, поранешниот премиер Никола Груевски како поттикнувач за извршување на делото е осуден на две години затвор, а поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски на шест години и шест месеци затвор.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...