ДУИ нема став во однос на автентичното толкување на член 11 од Законот за помилување, затоа што во партијата не било разговарано околу тоа прашање, вели Артан Груби од раководството на ДУИ и додава дека места за дебата за прашањето се Собранието и Уставниот суд.
– Лично сметам дека е дојдено време политиката што помалку да се меша во судството и судството што помалку да се меша во политиката и сите да си ја вршат својата работа согласно Уставот и согласно законот. Сметам дека треба да има одговорност за сите тие што згрешиле по законот – изјави Груби.
Во Собранието, посочи тој, секако дека ќе се разговара, ќе се дебатира и на крајот ќе се гласа.
На новинарските прашања за ветингот и политичката одговорност, Груби денеска посочи дека ДУИ има идеја за двостепено спроведување со соодветен закон.
– Ветингот е најдобро можно решение, ДУИ како пионер на оваа тема за правда и правдина смета дека е неопходен закон. Првостепен ветинг е со цел да се провери интегритетот на лице со јавна функција, па доколку се утврди дека нешто не е во ред тогаш второстепен ветинг, да нема лов на вештерки туку да знаеме што правиме и што сакаме да постигнеме – рече Груби.
Нови статутарни промени и програмски документи ќе има во ДУИ по четвртиот конгрес на 21 декември, за кои и денес се разговораше на седница на централното претседателство на партијата што се одржа во седиштето во тетовска Мала Речица. Според замислите на раководството, согласно статутот ќе има нови три партиски тела.
– Станува збор за формирање на Национален совет, партиска изборна комисија која ќе работи постојано за избор во сите органи на партијата. Предвидено е да има и постојан конгрес кој ќе го претставуваат една третина од членовите делегирани од ограноци кои ќе работат до секој нов конгрес и по конгресот за да биде долговечноста на ДУИ – изјави функционерот на ДУИ.
Сите овие документи ќе бидат дадени на ограноците, но и на поширока експертска јавноста.
– Сакаме да се чујат мислења, сите добиени информации од јавната дебата, како што се забелешки од ограноци и експертската јавност да се инкорпорираат во предлог резолуции на 4-тиот конгрес – рече Груби.