Многу охрабрувачка е веста дека викендов се работело во претседателската палата во Париз, и дека набрзо ќе излезат со нова методологија за проширување која ќе им биде понудена на земјите–членки на ЕУ, што е нов момент, на кој што, би можеле да го градиме нашиот наратив во време на вакум помеѓу недонесувањето на одлука и новиот самит не знаејќи што ќе се случува во рамките на ЕУ.
Ова е оцената на пратеникот Артан Груби по средбата со Елен Конве–Муре, заменик-претседател на Сенатот на Република Франција и член на Комисијата за надворешни работи во Францускиот сенат.
Груби, ја поздрави ратификацијата на Протоколот за членство на Македонија во НАТО во Францускиот Сенат,по што останува, договорот да биде ратификуван уште од Националното собрание во ноември годинава.
Груби го потенцира значењето на француската поддршка, за нашите евроинтегративни процеси, при што рече дека неодамнешното француско вето на октомврискиот самит на ЕУ, го смета како позитивно од аспект на наше мобилизирање и посветено реализирање на реформите, кои ги бара од нас ЕУ. Во таа насока, како приоритетни задачи, ги посочи усвојувањето на Законот за јавно обвинителство и изборните реформи.
Конве – Муре, ги поздрави постигнатите резултати во ЕУ реформите, како и договорите со Грција и со Бугарија, како позитивен исчекор на нашиот пат кон ЕУ. Таа истакна, дека Франција е свесна дека многумина не се среќни поради ваквиот исход од октомврискиот самит, но дека тој може да се сфати и како сигнал дека е потребно да се испорачуваат поголеми резултати во однос на исполнувањето на европските стандарди. Во тој контекст, изрази надеж дека доколку позитивно се сработат домашните задачи, до месец мај следната година, од наша страна, тогаш и од Франција би можело да има позитивен исчекор и можно е да се добијат добри вести на мајскиот Самит во Загреб. Сепак, најпрво треба да се организираат добри избори, односно да се продолжи во континуитет добивањето на позитивните извештаи од ОБСЕ за организирањето на изборите. Со тоа, ќе се испорача добра слика за С. Македонија дека е демократска земја, но исто така и дека ги исполнува сите Копенхашки критериуми.