Груби нема да му се извини на Река за „Последниот поздрав“ ниту за „пцовисаната кокошка“

Дека паднаа тешки навреди и квалификации во изборната кампања реагираа и претседателските кандидати Гордана Силјановска и Стево Пендаровски.

752

Организацискиот секретар на ДУИ, Артан Груби, нема намера да се извини за говор на омраза упатен кон претседателскиот кандидат Блерим Река, поддржан од Алијансата за Албанците и од Беса. Напротив, тој за Плусинфо вели дека не му ги разбрале пораките упатени од митингот на плоштадот „Скендербег“ во Скопје. Според Груби, во неговиот говор нема ни трошка навреда и говор на омраза.

Невладината Цивил најостро го осуди говорот на омраза силно присутен во дел од предизборните кампањи и во јавната комуникација во изборен контекст. Цивил го апострофира Груби дека во говорот на митингот го употребил името и презимето на Блерим Река, ставајќи го во контекст на дел од погребен ритуал.

– Не можам да одговарам за начинот на кој луѓето намерно погрешно го толкуваат мојот говор, туку одговарам за тоа што го кажувам и мислам, а не за тоа што го испревртуваат. Филозофијата во говорот е многу длабока и не очекувам површни луѓе да го разберат. Но ги советувам говорот да го слушнат од почеток до крај. Интерпретациите се последица на намерно искривена имагинација. Нема ниту еден збор кој имплицира омраза или навреда, напротив говорот треба да послужи како поттик да се размисли од кои причини е кажано. Не е морбидно, не сум оџа, ниту го знам тој верски обичај. Метафората е сосема различна и нека анализираат – ни изјави Груби.

Тој во дел од говорот распали по лидерот на Алијансата Зијадин Села и по Река.

– На нашата идеја за консензуалност и дојде време. Браќа и сестри, бидете горди затоа што го следите духот на преродбата на Фрашери, а не импровизиран, манипулативен и етнофолклорен патриот на батерии. Неколку збора и за овие фолклорно дводецениски задоцнети етнопатриоти во времето кога се создаваше историјата и кога повторно го посеавме семето на преродбата на Фрашери, кое што го жнееме денес. Вие што ги нарекувате Албанците арнаути со потценување, Исмаил Ќемали сте го виделе само персонофициран во игран филм и само сте слушнале за него, Скендербег го гледате само тука, излиен во бронза и ниту еднаш не го зуцнавте зборот Слав, ниту еднаш не се поклонивте пред гробот на паднатиот, ниту еднаш не обележавте годишнина од слободата. Жртвување за вас е добиениот ќотек бегајќи од страв и оставајќи ги зад вас тие со кои останавте и секојдневно злоупотребајќи го тоа, барајќи гласови преку срамот на вашиот страв и изневерувајќи ги Албанците. Пу…јазк да ви е. Не сте виновни затоа што немате што да кажете ниту пред ниту после 2001 година – рече во говорот Груби.

Тој понатаму ја цитира албанската поговорка „Господ да ти го земе образот на пазарен ден“. Груби на политичките опоненти им порачува дека секогаш биле на погрешната страна на историјата, но и на денешницата.

– А јас, сите ние тука, сите тука што нѐ гледате и слушате, сме следбеници на идејата на Скендербег, Лек Дугаќини и Сами Фрашери, на Черчиз Топули, на Исмаил Ќемали и Хасан Приштина, на Адем Јашари и Фехми Ладровци. Ние, сите заедно сме од истото време, содејци, сомисленици, сопатници на Али Ахмети. Мојот Епир (синот на Груби) во иднина ќе каже, татко ми чекореше во од со Али Ахмети како Хасан со Исмаил, како Лека со Ѓерѓ – порача Груби.

Тој не го поштеди од критика ни кандидатот Река.

– Крушата под круша паѓа велат, о Блериме, Хамзин сине, не на Кастриотите, туку на Река, зарем не научи од поранешните кандидати Албанци дека претседателската трка ти ја гаси политичката кариера, затоа што тебе само тоа те интересира, а не Албанците. Секој глас за тебе е глас за ВМРО-ДПМНЕ, глас за регрес, изолација, мајоризација и дефакторизација на Албанците. Секој глас за Река ќе го земе реката. На југ велат: Албанците не јадат пцовисана кокошка. Затоа, Блерим, Блееееериме, ЧАО! – вели во говорот Груби.

Цивил апелира да прекине неказнивоста за говорот на омраза и ги повика институциите најостро да ги осудат и да ги отфрлат сите облици и изрази на говор на омраза во јавните настапи на поединци и групи во земјава.

Мониторингот на Цивил утврди дека се употребува експлицитен говор на омраза на социјалните мрежи, дел од интернет порталите, како и за време на јавните настани што ги организираат политичките структури што ги поддржуваат и промовираат претседателските кандидати. Дел од претседателските кандидати се служат со прикриен, но неретко и отворен говор на омраза. Според Цивил, тоа најчесто се забележува во јавните настапи на кандидатката Гордана Силјановска Давкова и високите претставници на партијата што ја поддржува, ВМРО-ДПМНЕ. Цивил го споменува и случајот кога на митингот на кандидатот Стево Пендаровски, еден од присутните се закани со пиштол на Државната изборна комисија.

Мониторингот на Цивил нотира „екстремно груб настап со говор на омраза на високиот функционер на ДУИ и пратеник во Собранието Артан Груби“.

– На крајот од својот говор, Груби го употреби името и презимето на Блерим Река, ставајќи го во контекст на дел од погребен ритуал, како последен поздрав до починатиот, а кој го преиначи за свои цели, и кој гласи: „Блерим, син на Хамза, не на Кастриот, туку на Река“. Настапот на Груби наиде на смеење и очигледна поддршка од партискиот лидер Али Ахмети и на дел од останатите високи партиски функционери и присутните на настанот – велат од Цивил.

Дека паднаа тешки навреди и квалификации во изборната кампања реагираа и претседателските кандидати Гордана Силјановска и Стево Пендаровски. Силјановска побара извинување од Пендаровски бидејќи лице од неговиот тим за кампањата наводно рекол дека Силјановска треба да оди во Бардовци. Пендаровски рече дека доколку тоа е вистина, веднаш лицето ќе го отпушти од тимот.

Пендаровски, пак, ја обвини Силјановска за рекламните спотови со навредлива содржина за него. Силјановска тврди дека не знае и не била консултирана за спотовите.

Од Хелсиншкиот комитет за човекови права велат дека од 1 март до сега, пристигнати се 77 пријави за говор на омраза на социјалните медиуми. 25 отсто се врз основа на етничка припадност, 18 се врз основа на политичка, 18 сексуална ориентација, родов идентитет, пол и род. Од таму додаваат дека за 200 отсто се зголемени пријавите од периодот кога нема избори. Оваа бројка се поклопува со кампањата за референдумот, крајот на август, почетокот на септември.

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...