Дваесетгодишна жена од Кореница почина од грип, со што смртниот биланс од оваа болест во Хрватска се искачи на 88 лица.
Хрватските здравствени власти посочуваат дека се соочуваат со најсилниот грип во последните пет години во таа земја, каде за седум седмици заболеја над 53.000 лица. Хрватскиот завод за јавно здравство проценува дека во таа земја од грип умираат околу 500 лица годишно, но дека само мал број и официјално се пријавуваат.
Епидемиологот Горанка Петровиќ за Индекс изјави дека што се однесува на бројот на починати лица, станува збор за многу силен грип, но дека дополнително ќе се утврдува поради што е тоа.
– Треба да се види дали е поголем бројот на пријави поради поголемо ниво на свест, но дефинитивно сезонава е потешка во смисла на потешка клиничка слика, што значи повеќе компликации и потреба од механичка вентилација. И лекарите ни кажаа дека овој грип е потежок од вообичаено – вели таа.
– Досега се пријавени 88 ссмртни случаи од грип, а минатата сезона беа вкупно 29. Најголемиот број од починатите се лица постари од 65 години. Помладите, најчесто имале некои тешки, често невролошки болести – потенцира Петковиќ.