Грипозни има, иако сѐ уште не му е сезоната

130

Се зголемува бројот на лица со симптоми на грип и настинка во скопските амбуланти и поликлиники, а иако се пријавени и првите 100ина лица со грип во земјата, сѐ уште не сме го достигнале прагот за влез во сезоната на грип.

Многу граѓани деновиве се жалат на течење на носот, сува кашлица, изнемоштеност, па и лесно зголемена температура. Иако симптомите наликуваат на грип, епидемиолозите од Институтот за јавно здравје на РМ смируваат – далеку сме од ова заболување.

– Сѐ уште е рано, активноста на грипот е ниска и е на ниво вон вообичаената сезонска активност, односно уште не е почната неговата сезонската активност. До минатата  недела немавме изолирани позитивни случаи на грип, имаме само клинички случаи, со симптоми слични на грип – тоа е до 48. недела. А овој период е секако карактеристичен за циркулација и на други респираторни инфекции како што се настинки, воспаленија на горни дишни патишта кои даваат клиничка слика слична на грип, но најчесто со поблаги симптоми – вели д-р Владимир Микиќ, епидемиолог во Институтот.

Тој советува да ја зголемуваме отпорноста на организмот во овие студени денови со консумација на разновидна храна, пред сѐ, свежо овошје и зеленчук, но и месо и риба.

– Во однос на грипот нагласувам дека најдобра заштита е вакцинација. Сѐ уште во Скопје и во некои други градови има бесплатни вакцини за граѓаните постари од 65 години и за оние со пензија помала од  14.500 денари. Тие може да се вакцинираат против грип, има уште време да се стекнат со имунитет, пред грипот да се засили – вели д-р Микиќ. 

До минатата, 48-ма недела од 2018 година (26.11-02.12.2018), во земјата беа  пријавени 90 новозаболени на групни пријави за заболени од грип и заболувања слични на грип. Тоа е зголемување за 21,6 отсто во споредба со претходната недела –  вели извештајот на ИЈЗ.

Бројот на пријавени лица во минатата недела е помал за 25,6 отсто споредено со 48-ма недела од минатата сезона (n=121), а во однос на бројот за 48-ма недела од типичната епидемиска крива (моделирана од последните 8 сезони), постои намалување од 16,1 отсто.

Пријавениот број на случаи е под бројот кој ја означува неделната граница на сезонската активност на вирусот на грип.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...