Девојче се удавило во Вардар бегајќи од кучиња.
И сега ќе почнат напади врз анималисти, луѓе со луѓе ќе се изедат, и пак ќе се изгуби поентата.
А до поентата следново. Природата е неверојатно прекрасна и сурова. Кај мајката природа и најплитката река е дива несреќа по живиот свет во некоја ситуација. Животинскиот свет, посебно оставен на себе, е чудесен и суров. Луѓето најчесто имаат антиприроден став, неразбирајќи ги и непочитувајќи ги строгите правила на органскиот живот, бруталноста на селекцијата, тешката хармонија меѓу животот и смртта. Кучињата во своја територија и група не се слатки, туку се свои, природни и честопати сурови животни. И природата, не е акварел, ништо тука не е Дизни, ни животните, ни планините, ни реките, ни кучињата на село.
Но, кога ние учествуваме во тој свет, и го носиме во град, или дозволуваме да излезе од контрола, или не се грижиме, или го сфаќаме прелесно, секогаш настрадуваме, зошто ја навредуваме таа иста природа од која некогаш сме излегле и сме ја заборавиле.
Затоа властите треба повеќе да се грижат, за каналите, за шумите, како и за кучињата, особено кога луѓе им викаат дека знаат како и дека постојат решенија.
Чистењето на каналите во Тетово ќе спасеше животи. Несечењето на шумите ќе спасеше животи во Стајковци.
Грижата за кучињата во Скопје или каде било ќе ги спаси и животните од мака и луѓето од несреќи.
Ама имаме многу неприроден однос кон природата, и не ја почитуваме, а уште помалку се грижиме за неа.