Гренел: Лажна вест е дека САД се за размена на територии меѓу Србија и Косово

215

Специјалниот пратеник на САД за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Ричард Гренел демантираше дека Вашингтон се согласува за размена на територии меѓу Србија и Косово.

– Лажни вести – напиша Гренел на својот Твитер налог, коментирајќи го текстот што вчера го објави ЕУобсервер.

Одговарајќи директно на твитот на редакцијата, Гренел им порача дека никогаш не бил повикан, ниту му било пишано од нивна страна да одговара на тие прашања.

– Јас сум за она што ќе го договорат страните во дијалогот, фокусиран сум на економскиот развој, а не на политиката – нагласи Гренел.

ЕУобсервер вчера објави дека специјалниот претставник на САД за Западен Балкан, Метју Палмер во интервју за порталот не ја исклучил можноста за размена на територии меѓу Србија и Косово.

Тој посочил дека ги поддржува „страните да најдат начин да се вратат на преговарачка маса, да ги отворат сите важни прашања за време на разговорите и да најдат начин за нормализирање на односите“.

– Идеално би било со взаемно признание. Ние би сакале да го видиме взаемното признавање на Србија и Косово како резултат на тој процес – посочи Палмер.

Тој не одговори на дополнителни прашања за тоа дали ставот на САД е спротивен на позицијата на Германија дека договорот меѓу Србија и Косово за размена на територии може да го дестабилизира регионот.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...