Македонија на хартија има воспоставено прилично широка политичка, правна и институционална рамка за спречување и борба против корупцијата, но реалноста е поинаква, открива петтиот круг на евалуација од извештајот на ГРЕКО за Македонија.
„Системот на кривична правда не е успешен во борбата против корупцијата. Иако Специјалното јавно обвинителство оформи предмети во суд за неколку случаи на корупција на високо ниво кои произлегуваа од скандалот со прислушување, обвинителите генерално не гонат систематски случаи од висок профил или политички чувствителни случаи. Се смета дека напредокот во оваа област силно зависи од тоа дали на судството во земјата може да почне да функционира независно и непристрасно. Во периодот од посетата на државата, Евалуациониот тим на ГРЕКО (ГЕТ) е информиран за некои позитуивни случувања кои вклучуваат криминализација на корупција од висок профил“, пишува во извештајот.
Капацитетот на јавниот сектор за ефикасно спречување на корупцијата исто така покажа структурни и оперативни недостатоци. Политичкото мешање во работата и именувањата во јавната администрација се чини дека се широко распространети и често полни со етнички елементи. Непотизмот и судирот на интереси не се соодветно третирани, а медиумите се сметаат за „неслободни“.
ГЕТ е на мислење дека заради одговорноста на централната власт, потребно е одредено ниво на транспарентност во однос на лицата кои работат како советници на функционерите. Од тие причини, ГРЕКО препорачува во однос на вработувањето на лица ангажирани врз основ на дискреционо право на функционери од централната власт со цел да даваат совети на функционерите или да вршат слични функции, да се воведат правила за неспоивост и да се воведе ветинг врз основа на правилата за интегритет, имињата и договорните бенефиции (плати итн.) на оние кои се ангажирани за овие позиции да се направат лесно достапни на интернет и, кога се работи за ангажман со скратено работно време/или ад-хок ангажман, да бидат вклучени и податоци за нивната главна работна задача/активности.
Се охрабруваат властите да го намалат бројот на категории на вработени во централната власт поради конфузијата предизвикана од мноштвото паралелни правни рамки кои може да отежнат да се идентификува кои правила важат во поединечни случаи, што, повратно, може да го поткопа потенцијалот за ефективно спречување на судирот на интереси и корупцијата.
ГРЕКО препорачува оперативната независност на полицијата vis-à-vis Министерството за внатрешни работи значително да се зајакне и да се спроведува во пракса. ГЕТ нотира дека деполитизирањето на полицијата е еден од приоритетите во Анти-корупциската програма за 2018 година на Министерството за внатрешни работи.
Во однос на заклучоците од овој извештај, ГРЕКО меѓу другите ги упатува следниве препораки до Северна Македонија:
Систематски дa се спроведува проценка на ризик на интегритетот кај централната власт што ќе ги опфаќа сите функционери и лични советници и надворешни соработници.
Етичкиот кодекс за лицата кои вршат највисоки извршни функции треба практично да се спроведува со помош на механизам опремен со овластувања за санкционирање и да бидe предмет на систематско подигање на свеста во однос лицата кои вршат највисоки извршни функции преку обука, посветено упатување и советување, вклучувајќи и доверливо советување.
ГРЕКО ги повика властите на Северна Македонија да поднесат извештај за мерките кои ги имаат преземено со цел за имплементација на погоре-наведените препораки до 30 септември 2020 година.