Шест граѓанските организации кои се дел од Блу принт групата на организации фокусирани на следење на правосудните реформи, реагираат на новиот Закон за јавно обвинителство со кое се решава статусот на СЈО и за тоа што „бомбите“ нема да бидат доказ во судските постапки, прашувајќи која е суштината на постоење ако аудио материјалите не може да се користат како доказ.
Организациите бараат доработка на законот.
„Како граѓански организации кои учествуваат во работата на Советот, сметаме дека на овој начин, непостапувајќи по препораките кои ги дава Советот, неговата улога ќе биде сфатена како декор и нема да ја врши својата главна мисија на дејствување – контрола на процесот на спроведување на Стратегијата за реформи во правосудството 2017 – 2022 година“, наведуваат во реакцијата.
Исто така, потенцираат и дека она што е усвоено на Влада не било објавено на ЕНЕР, како и дека се разликува од верзијата на законот која му била презентирана на Советот за следење на реформите во правосудството.
„Ја користиме оваа прилика да укажеме дека понуденото решение за понатамошното постоење, функционирање и надлежност на СЈО е спротивно на целите поради кои беше воопшто основано ова обвинителство, а тоа се борбата против високата корупција и организирана и системска злоупотреба на државата и државните ресурси за остварување на приватни интереси и имотна корист ( т.н. „заробена држава“). Ограничувањето на можноста т.н. „бомби“, аудио материјалите да се користат како доказ, го наметнува прашањето пред се: која е суштината на постоењето на СЈО, ако „бомбите“ не може да се користат како доказ?“, прашуваат организациите.
Тие сметаат дека вака пропишаната судбина за „бомбите“ наметнува неколку дилеми од кои првата е дали може со закон да се ограничи користењето на одреден вид докази за кои домашната пракса и праксата на Европскиот суд за човекови права имаат утврдено дека целта заради која биле прибавени ваквите докази ја оправдува нивната употреба (националните судови во предметите „Шпион“, „Бебиситерка“ и пресуди на ЕСЧП).
Организациите го отвораат и прашањето дали Собранието како законодавецот може да му наложи на судот во веќе започнатите постапки да не ги цени одредени веќе прифатени докази односно „бомбите“ и дали тоа не претставува директно мешање во независноста на судството и ограничување на принципот на слободна судиска оценка на доказите?
„Дали во суштина има преклопување на надлежностите на веќе постоечкото одделение за гонење на организиран криминал со новопредложеното обвинителство кое треба да го замени СЈО? Имено, во предложеното законско решение воопшто не е јасно прецизирано разграничувањето на надлежностите на веќе постоечкото одделение за организиран криминал и новоформираното одделение кое ќе треба да го замени СЈО. Воедно, не е прецизирано што значи „именуван функционер“? Дали со постоечкото законско решение ќе се доведе во прашање автономијата и функционалноста на СЈО, како и оправданоста на неговото постоење од аспект на изградени капацитети, човечки и материјални ресурси, ако истото се претопи во јавното обвинителство?“, пишува во ракцијата на граѓанскиот сектор.
Тие бараат да се повлече предлог-законот и да се доработи во транспарентен процес.
Граѓанските организации кои се потпишани на реакцијата се: Хелсиншки комитет за човекови права, Коалиција Сите за правично судење, Институт за човекови права, Македонско здружение на млади правници, Центар за правни истражувања и анализи, Институт за европска политика и Фондација Отворено општество – Македонија.