Граѓанските организации реагираат на скандалозната изјава на Заев

593

Ние долупотпишаните граѓански организации, остро ја осудуваме скандалозната,
недолична, хомофобна изјава на Претседателот на Владата на Република Северна
Македонија, Зоран Заев, но и изјавата со која се врши дискредитација на новинари кои критички ја опсервираат работата на власта, соопштија денеска неколку граѓански организации.

Според нив, овој вид на јавен говор од носител на највисоката јавна функција, недвосмислено дава легитимитет и го охрабрува говорот и делата од омраза кон сите оние кои се со различна сексуална ориентација и ја загрозува слободата на изразување. Изјавата на Премиерот, вклучително и неумесното „извинување“, освен што се навредливи и дискриминирачки, поттикнуваат хомофобија и линч насочен кон ЛГБТ заедницата.

Се доведува во прашање доследното спроведување на новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација, и се поставува прашањето дали досегашните заложби за
унапредување на ЛГБТИ правата се навистина суштински или се само декларативни и
формални.

Воедно, сметаме дека е крајно неприфатливо со вакви непромислени изјави да се
етикетираат новинари кои критички известуваат за работењето на актуелната власт, и на тој начин да се создаваат услови за ограничување на слободата на информирање и
изразување. Инсистираме Владата и Премиерот да покажат зрелост и умешност за
справување со критиките, но и сериозно да се заложат за поддршка на критичката мисла и независното новинарство. Ова е особено важно во контекст на транспарентноста и отчетноста кои Владата ги претставува како едни од основните начела на своето работење.

Системот на вредности кој сакаме да го негуваме во Република Северна Македонија како идна членка на НАТО и ЕУ, во ниту еден случај не дозволува ваков дискурс кој ги доведува во прашање безбедноста на граѓаните и слободата на изразување.

1. Фондација Отворено општество – Македонија
2. Здружение Хелсиншки комитет за човекови права
3. Коалиција сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници
МАРГИНИ Скопје
4. ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување
5. Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија
6. Здружение за културен и медиумски активизам КВИР СКВЕР Скопје
7. Здружение за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...