Со мотото „Да не дозволиме една заробена држава да се замени со друга“, Платформата на граѓанските организации за борба против корупцијата, потсетува дека е незаконска концентрацијата на функциите министер за финасии и премиер и предупредува на низа други неправилности во работењето на државните институции.
Во продолжение интегрално реакцијата од Платформата на граѓанските организации за борба против корупцијата:
„Прво и суштински, Платформата укажува на тоа дека концентрацијата на функции во позицијата претседател на Владата на Република Северна Македонија и г.Зоран Заев, како носител на таа функција, и привременото извршување, односно раководење со Министерството за финансии, е спротивно на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси(Законот). И покрај привременото вршење на втората функција, сметаме дека обврска на институциите е да се почитува Законот, кој особено ги уредува прашањата каде што одговорноста, а со тоа и авторитетот, не смеат да бидат сконцентрирани во еден центар на моќ, туку преку контрола и баланс, одговорноста треба да се подели меѓу повеќе фактори кои заемно ќе се контролираат.
Поделбата на власта е еден од столбовите на Уставот на Република Северна Македонија, а неговото почитување и почитувањето на законите се основни принципи на доброто управување во либералните демократии.
Истовремено, укажуваме на тоа дека секое поместување на рамнотежата меѓу политичкото и институционалното раководење, може да претставува сериозна пречка за ефикасна борба против корупцијата и организираниот криминал. Така, ситуацијата од скорешното минато, кога (сега поранешен) висок партиски функционер од партијата на власт стана дел од управувачкиот орган во банка што е во косопственост на лица под обвинение од Специјалното јавно обвинителство, може да предизвика и судир на интереси. Ова се однесува и на назначувањето на член на партијата на власт за Директор на Агенцијата за национална безбедност спротивно на член 10 (параграф 1, точка 7).
Реформата на безбедносните служби е стожерот на процесот на ослободување на државата и институциите од политичкиот интерес.
Според согледувањата на граѓанското општество, ваквите политички и институционални спреги ја попречуваат борбата со високата корупција и дополнително го оневозможуваат носењето рационални антикорупциски политики засновани на анализи, кои се основна претпоставка за долгорочно и одржливо добро управување. Клучни закони, како што е предлогот за Закон за јавното обвинителство, се заробени во преговарање од позиција на тесни партиски и лични интереси, без да се земе предвид заедничкиот јавен интерес.
Во исто време, граѓанското општество забележува и недостиг на постапување по наодите на повеќе институции, меѓу кои и наодите на Државната комисија за спречување на корупцијата, а во јавноста се јавуваат и примери на притисоци врз вработените во институциите, кои откриваат повреда на законите, како што е случајот со инспекцискиот наод во високото образование.
Платформата повикува на почитување на институциите и на заштита на секоја индивидуа која спроведува постапка за откривање неправилност во работата на институциите, особено кога истата се случува поради лична корист на поединци од власта и лица поврзани со нив.
Во оваа смисла, Платформата потсетува дека недостигот на имплементација на правото е клучниот проблем во борбата против корупцијата, забележан во повеќе извештаи на домашните и меѓународните организации. Надзорот врз институциите е хиерархиски, а одговорноста за непостапувањето на некоја институција се префрла кај оние задолжени за контрола врз истата.
Ги потсетуваме Собранието, Владата, Судскиот совет и Советот на јавните обвинители, градоначалниците и советите на локалните самоуправи дека покрај нивната лична одговорност, тие се одговорни и за функционирањето на институциите што се под нивен надзор. За успешна борба против корупцијата треба да се испрати јасна порака до сите фактори под нивна контрола дека борбата ќе биде бескомпромисна, а по наодите за незаконитост соодветно ќе се постапува.“, се вели во реакцијата на
Платформата на граѓански организации за борба против корупција.