Евентуалната кривична одговорност, која сѐ уште се утврдува, не ги ослободува највисоките функционери од политичка одговорност. Понесувањето политичка одговорност за случајот со бегството на Никола Груевски е единствениот начин власта да покаже дека има сериозна намера да се бори против културата на неказнивост, која да не заборавиме, беше главна карактеристика на поранешната власт особено кога стануваше збор за највисоките функционери, се вели во соопштението на девет граѓански организации.
Тие бараат оставки од министерот за внатрешни работи, директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање и директорот на Агенцијата за разузнавање.
– Не смееме да заборавиме дека токму несправувањето со овој феномен може да биде сериозна пречка во европските интеграции. Заклучоците на Советот за општи работи на ЕУ јасно укажуваат дeка е неопходно зајакнување на владеењето на правото и воспоставување правна држава во која законите ќе важат за сите граѓани подеднакво, велат од граѓанските организации.
Тие потсетуваат дека на 4 декември 2018 година, како граѓански организации најостро ја осудиле неажурноста на институциите во спроведувањето на истрагите поврзани со утврдување на пропустите и одговорноста за бегството на поранешниот премиер, Никола Груевски. Побарале истрагите итно да завршат и најавија дека, доколку тоа не се случи, ќе побараат политичка одговорност на највисоките функционери.
– Во меѓувреме, Основното јавно обвинителство најави дека предистражната постапка ќе заврши во рок од две недели и дека јавноста ќе биде информирана, што не се случи. Сметаме дека навршувањето на втор календарски месец од бегството е разумен рок за на јавноста да ѝ бидат соопштени информации околу истрагите кои се водат како и да се утврдат пропустите на институциите кои што во конкретниот случај биле надлежни да постапуваат. Одолговлекувањето ги подгреа сомнежите на јавноста и дополнително придонесе да се зголеми перцепцијата дека културата на неказнивост опстојува во Македонија, стои во соопштението.