Граѓанска иницијатива „DontYou20Me“ го притиска Ахмети Албанците во Уставот да не бидат проценти

Патетична и манипулативна кампања, површен напор за факторизирање со епизодно мамење и отсуство на искреност кон своите гласачи. Овие „задоцнети протагонисти“ имаа шанса да се докажат себеси во многу историски национални процеси, но секогаш ноевски ја наведнувале главата, а всушност авторството на темата која што ја наметнуваат му припаѓа на нивниот духовен лидер, вели Артан Груби од ДУИ.

895

Граѓанската иницијатива „DontYou20Me“ го притиска лидерот на ДУИ Али Ахмети да поднесе амандман на уставните измени со кој во Уставот да стои албански јазик, а не јазикот кој го зборуваат 20 отсто од населението.

„DontYou20Me“ иницијативата ја почна викендов и веќе добиле поддршка од медиуми на албански јазик, како и од Алијансата на Албанците на Зијадин Села и Беса на Билал Касами.

Во соопштението Граѓанската иницијатива порачува дека кампањата е наменета за сите Албанци и дека целта не е само политичка, туку пред сѐ, хуманѐ и благородна.

– Тоа е граѓанска иницијатива чија цел е подигнување на јавната свест и внатре и надвор од земјата, за многу чувствително прашање кое влијае на Албанците во Македонија. Веруваме дека преку иницијативата и поддршката ќе можеме да го направиме потребниот притисок врз политичарите, односно врз владејачката ДУИ. Кога веќе е отворена процедурата за уставните измени и се очекува од владата да ги поднесе предложените амандмани за кои треба да се разговара и да се гласа, сметаме дека е вистинскиот момент за решавање на нашето прашање и да почнеме да градиме правично општество. Ајде нашиот јазик во Уставот да се именува албански, стои во соопштението.

Граѓанската иницијатива „DontYou20Me“ им се заблагодарува на сите граѓани и јавни личности кои ја поддржуваат, на медиумите на албански јазик во Македонија, како и во Косово и Албанија, но и на Алијансата на Албанците и Беса.

„Имаме поддршка од многу членови на владејачката албанска партија, ДУИ. Затоа апелираме до лидерот на оваа партија да се приклучи на нашата иницијатива и заедно со другите партии на Албанците да го донесат ова прашање до крај. Да не правиме политички натпревари во иднина со исти ветувања како изминатите 27 години. Ако не можете да ја поддржите нашата иницијатива, тогаш барем не нѐ спречувајте“, стои во соопштението.

Од владејачката ДУИ ја оценија иницијативата како патетична и манипулативна.

– Патетична и манипулативна кампања, површен напор за факторизирање со епизодно мамење и отсуство на искреност кон своите гласачи. Овие „задоцнети протагонисти” имаа шанса да се докажат себеси во многу историски национални процеси, но секогаш ноевски ја наведнувале главата, а всушност авторството на темата која што ја наметнуваат му припаѓа на нивниот духовен лидер. Кон средината на следниот јануари 2019 година, граѓаните и нивните гласачи ќе ја откријат измамата на овие случајни авантуристи во политиката кои ќе се постројат еден до друг да гласаат – ни изјави Артан Груби, пратеник и шеф на кабинетот на Ахмети.

Од Алијансата на Села велат дека ја поддржуваат кампањата „Не ме нарекувај 20 отсто, бидејќи сум Албанец“. Според Алијансата, иницијативата почнала спонтано во рамките на уставните измени.

– Кампањата одговара на една легитимна и фактичка реалност, бидејќи Албанците со право сакаат да бидат третирани како народ во Уставот. Ниту еден устав од државите на ЕУ и НАТО не прави селекција на своите граѓани. Дискриминирачки е Македонците да бидат третирани како Македонци во Уставот, а Албанците како население од 20 проценти – велат од Алијансата и додаваат дека ДУИ има историска можност да ги поддржи нивните уставни амандмани – албанскиот јазик и албанската народност да бидат уставни категории.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...