Казинотo во Мала Речица интензивно се опремува и покрај одлуката на Управниот суд за забрана за работење на овој објект, велат од Движењето против коцкање, инцијатива формирана пред неколку месеци, чија крајна цел е да спречат отворањe на нови казина во градот, но и да ги затворат постојечките, кои според нив работат нелегално и шират неморал меѓу младите.
– Деновиве сме сведоци дека казиното се опремува, се носат со камиони повеќе апарати, се уредува внатрешноста на просторот и слично. Го повикуваме најповиканиот, Основниот суд Тетово, да преземе соодветни мерки и во содејство со другите институции да го спречи секој обид за отворање на ова казино, кое ги нема потребните документи, рече Џемаил Абдиу од иницијативата Движење против коцкање.
Од иницијативата рекоа дека ако надлежните не преземат соодветни мерки за затворање на казиното, тие преку разни начини и со поддршка на народот ќе преземат чекори за да не се отвори ова нелегално казино, кое е оддалечено на само стотина метри од две средни училишта и од два универзитети. Додадоа дека ќе ја продолжат битката против како што ја нарекоа епидемијата на казина во Тетово. Упатија апел до пратениците да не го гласаат новиот предлог-закон за игри на среќа, кој ќе овозможи во Тетово да се отвораат уште казина.
– Новиот предлог-закон предвидува казина да смеат да се отворат низ градовите но само со еден услов, да бидат оддалечени од институциите повеќе од 300 метри. Тој закон е многу либерален за оваа работа. Ние предлагаме сите објекти во коишто се приредуваат игри на среќа да бидат лоцирани надвор од урбаните средини, само така младите можеме да ги оттргнеме од ова зло. За овој предлог ние имаме поднесено и амандмани до Собранието, рекоа од иницијативата.
Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, рече дека општината како институција ги нема сите потребни ингеренции околу затворањето на објектите во кои нелегално се приредуваат игри на среќа. Таа рече дека е во постојана комуникација со останатите надлежни институции кои работаат на спроведување на законот врз казиното во Мала Речица и врз другите веќе отворени казина кои работаат нелегално.
Во Тетово буквално на секој чекор има спортски обложувалници и казина. Голем дел од нив, според иницијативата Движењето против коцкање, работат нелегално затоа што според законот тие не се сместени во самостојни објекти или не работат во склоп на хотели и мотели, туку функционираат во состав на згради или се во близина на образовни институции, како примерот со казиното кое е пред отворање во Мала Речица.
Зоран Димовски, „Слободен печат“