Петте кули што треба да никнат на просторот каде што сега е паркингот спроти хотелот „Холидеј Ин“, сепак ќе мора да го почекаат мислењето на граѓаните на скопската Општина Центар.
Градоначалникот Саша Богдановиќ ни потврди дека за овој грандиозен објект не е почната постапка за издавање одобрение за градба. Таква постапка нема ни да биде започната, односно би била одбиена, бидејќи во Општина Центар сега има мораториум за издавање на одобренија за градби, во очекување на новиот урбанистички план.
– Ќе се донесе нов урбанистички план, при што процедурата предвидува расправа во соодветни комисии и анкетирање на граѓаните. До тогаш, градење нема да има – вели Богдановиќ.
Претходно, во изјава за медиумите, градоначалникот на Центар изјави дека тој лично не поддржува изградба на ваков објект.
Без одобрение за градба инвеститорите не можат да почнат со градежни активности. Тоа значи дека граѓаните на Центар сепак ќе имаат можност да го кажат своето мислење за планираниот објект, како и за иницијативата на тој простор да се подигне парк.
Иницијативата на дневниот весник „Слободен печат“ на ова место да никне парк добива огромна поддршка во јавноста и на социјалните мрежи.
Редакцијата очекува да добие поддршка и од скопскиот градоначалник Петре Шилегов и од Јани Макрадули, заменик-министер за животна средина.
На невладините организации кои се занимаваат со заштита на природната средина и на експертите сега останува обврската да подготват силни аргумети за одбрана на јавниот интерес, а тоа е граѓаните на главниот град, во строгиот центар да добијат нова и модерно уредена зелена површина.