Граѓаните кои купиле станови кај „Имес“ може да бидат спокојни

2945

Граѓаните кои купиле станови во зградите на земјиштето помеѓу Илинденска и кејот на Вардар, во скопски Карпош, каде претходно се наоѓаше ресторанот „Имес“, можат да бидат спокојни.

Начинот на отуѓување на ова земјиште е предмет во најновата истрага која Обвинителството ја обелодени вчера, а во која меѓу осомничените е и поранешниот градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски. Меѓутоа, таа не ги опфаќа сопственичките права на граѓаните кои купиле станови во зградите кои во моментов се во завршна градежна фаза.

– Фокусот на истрагата е нелегалноста во начинот на отуѓување на земјиштето. Во моментов не се загрозени граѓаните. Евентуално тоа би било предмет во понатамошни граѓански постапки, но тоа ќе зависи од исходот на постапката. Сега истрагата не ги става во опасност сопственичките права на оние кои купиле станови – велат од Обвинителството за Плусинфо.

Според тоа што вчера го соопштија од МВР, објектите на земјиштето на Илинденска биле времени објекти, односно монтажни бараки поставени на државно земјиште. Но, фирмите „Гром промет“, „ЕМАГ“ и „ДОТ МЕБЕЛ“, како и едно физичко лице, поднеле барање за легализација како тоа да се бесправно-изградени објекти, а осомничените од Општината ги прифатиле барањата и покрај тоа што всушност станувало збор за времени објекти, односно не се во категоријата за легализација која ја предвидувал Законот за постапување со бесправно изградени објекти.

Така тогашните бараки станале легални, тие добиле ексклузивно право да го откупат земјиштето под објектите.

Фирмата „Гром промет“ купила 1.533 квадратни метри чија вредност на пазарот тогаш била 448.683 евра, а фирмата „ЕМАГ“ купила 722 квадратни метри кои вределе 211.317 евра.

– Исто така, со тоа што го направиле службениците од Општината на фирмата „ДОТ мебел“ и на физичкото лице Т.К., пак, им било овозможено да се стекнат со ексклузивно право на откуп на земјиште под објект во сопственост на државата за 450 денари по квадратен метар иако доколку се одржело јавно наддавање почетната цена би била 300 евра од метар квадратен – информира вчера МВР.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...