Граѓаните каснати од куче против беснило ќе се штитат од државните резерви

513

Додека да стасаат новите пратки вакцини, граѓаните кои ќе бидат каснати од куче, ќе се штитат против беснило со вакцини од државните резерви. По неколкунеделен недостиг на серум против беснило на Клиниката за инфективни болести, но и во други болници, овие вакцини, според најавите на министерот за здравство, Венко Филипче, од следната недела ќе бидат испорачани на инфективните одделенија во здравствените установи во Скопје и во другите градови. 

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, каде, поради големата навалица од пациенти каснати од куче, предвреме биле потрошени сите резерви, појаснуваат: 

Сите наши резерви од антитетанусна профилакса, која се дава и кај повреди и кај каснувања од куче, се потрошени, иако набавивме повеќе вакцини отколку во минатата година. Освен од Скопје, масовно беа испраќани пациенти и од други градови кај нас на Клиника. Таа е бесплатна, но неопходна е правилна проценка кога оваа заштита да се даде. Набавката оди на јавен оглас, а во овој период не сме во можност да распишеме тендер, па преку Министерството за здравство се обративме од државните резерви да се надомести дефицитот. Пациентите на кои ќе им биде неопходна, ќе може наскоро да ја примаат кај нас вели д-р Сања Маринковиќ, инфектолог на Клиниката.

Но, кој мора да ја прими вакцината против тетанус – проценува лекарот.

– За секоја гребнатинка и секое каснување не се дава антитетанусна профилакса. Исклучиво лекар треба да го ординира тоа, бидејќи оваа заштита не се дава за секое каснување, туку постојат строги индикации. Да потсетам и дека сите инфективни одделенија надвор од Скопје имаат законска обврска да располагаат со оваа заштита. Досега, иако сите беа задолжени, не сите центри и одделенија ја држеа оваа вакцина, па пациентите ги преупатуваа кај нас на Клиника – нагласува д-р Маринковиќ.

А скопјани, кои во меѓувреме беа каснати од куче, мораа да се снаоѓаат и сами да купуваат вакцина во аптеките, каде, исто така, брзо се трошеле.

– Во јули добивме тетанус гама серум против беснило, но за еден месец сиот серум се потроши, зашто имаше голема побарувачка од граѓаните. Серумот чини 700 денари и, колку што знаеме, за ова на пациентите не им следува враќање пари од Фондот за здравство. А набавката на нови количества оди брзо – од денес за утре или уште истиот ден се испорачуваат од увозникот, доколку ги има на лагер – велат од скопска аптека.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...