Претседавачот на Воениот комитет на Европската Унија генерал Клаудио Грацијано е на став дека Македонија сторила сѐ што било побарано од неа за да добие зелено светло за отпочнување на преговорите со Унијата. Сепак, вели, одлуката ќе биде на земјите членки, иако за него, како воено лице, таа е од големо значење бидејќи земјата е дел од Европа и направила многу.
Грацијано во интервјуто за МИА вели дека како командант на воени сили со долгогодишно искуство на терен мошне го цени капацитетот на силите на Северна Македонија. Одблиску ги видел потецијалите на македонските војници – соработувал со нив во мисијата ИСАФ во Авганистан и во УНИФИЛ во Либија. Смета дека реформите во Армијата се успешни и се залага за нејзин поголем ангажман во мировните мисии предводени од ЕУ.
Факт е, вели Грацијано, дека земјата влегува во НАТО и во ЕУ. Иако тоа е многу позитивно, со тоа се менува балансот и се отвораат можностите за кибер-напади. Во врска со тоа дали земјата треба да очекува зголемена пропаганда или лажни вести пред полноправното членство во Алијансата, не дава конкретен одговор. Вели, тој не е разузнавач, но нагласува дека кога една земја станува дел од НАТО, добива повеќе внимание, а со тоа и можност за дополнителни кибер-напади.
– Еден дел од професионалноста е и да внимаваме кога зборуваме на телефон. Мора да имаме предвид дека можеби некој прислушува, можеби и не прислушува. Но колку сте поважни во системот, толку е поголема можноста да ве прислушуваат – истакнува генералот Грацијано во интервјуто.
Генерале Грацијано, ова е првпат еден претседавач на Воениот комитет на ЕУ да ја посети Северна Македонија. Доаѓате во исклучително важен период за нашата земја, пред состанокот на Европскиот совет кон средината на овој месец, кога се очекува Северна Македонија конечно да добие зелено светло за почеток на преговорите со ЕУ. Имавте средби со министерската за одбрана Радмила Шекеринска и со началникот на ГШ на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски. Дали оваа посета во овој важен момент за нас е всушност поддршка на нашето влегување со следната фаза од ЕУ интеграцијата – почетокот на преговорите?
Како што рековте, за првпат сум тука како претседавач на Воениот комитет бидејќи Северна Македонија веќе е учесник во мисии и операции предводени од ЕУ и бидејќи процесот за пристапување во ЕУ е поддржан од институциите на ЕУ и, како што рековте, се работи за многу важен момент.
Се согласувам со лидерите на ЕУ, претседателот на ЕК, претседателот на ЕП и претседателот на Советот, кои рекоа дека Северна Македонија направила сѐ што било побарано од неа. Сепак, одлуката ќе биде на земјите членки да одобрат почеток на процесот, што за мене како воено лице е од големо значење бидејќи сметаме дека Северна Македонија дел од Европа и дека многу е направено.
Како што изјави министерката за одбрана денеска, постои огромна желба и амбиција да се зголеми бројот на војници во заедничката политика за безбедност и одбрана. И како што изјави началникот, мојот пријател Васко, полноправното членство во ЕУ и НАТО е стратешка цел и мораме да ги охрабриме и да ги препознеме напорите направени од лидерите и од армијата и од политичарите на патот на исполнување на реформите за да бидете спремни и да го почнете процесот. Свесни сме дека за тоа е потребно напорна работа. Но, воената соработка може да биде олеснета, бидејќи колку повеќе војници служат рамо до рамо со војниците на ЕУ, ќе бидеме поуспешни.
Во разговорите со моите пријатели открив дека бев командант додека македонските сили беа во ИСАФ во Авганистан. Во мојата бригада имаше македонски вод. Кога бев командир на мировните сили во Либан, началникот беше под моја команда. Така што, веќе сум имал можност да ја согледам професионалноста и способноста на македонските војници. И сега знам дека има подобрување со стандардите. Тука сум и да кажам дека сакаме да ги подобриме односите. Ја охрабрувам Северна Македонија да учествува во оваа нова димензија на безбедност што ја нуди ЕУ со мисиите и верувам дека служи како поддршка на процесот.
Може ли да ни појасните како функционираат силите на ЕУ и како се организирани? Се ангажираат по сопствена проценка или по барање на други меѓународни организации? Како се координирате со НАТО, со оглед на тоа што голем дел од земјите се и во ЕУ и во НАТО?
ЕУ е уникатна организација, која може да ги мобилизира сите аспекти на моќта: економските, политичките, дипломатските аспекти, како и соработка и воениот аспект. Постои и цела димензија што овозможува да стане збор за интегриран пристап во мисии и операции. Во овој контекст е усвоена глобална стратегија. Таа бара стратешка автономност и стабилност на ЕУ да води мисии, со партнери кога е можно и кога е потребно. За тоа е потребен воен капацитет, кој е соодветен со НАТО. Секогаш се зборува за европски столб на НАТО, европска стабилност за подобро да со придонесе кон НАТО. Тоа е долгогодишно барање на САД и на НАТО. Со новите економски алатки, можно е да се зајакне капацитетот. Согласно ситуацијата, исто, постои и простор за мисиите на ЕУ, бидејќи како што знаете НАТО е фокусирана на колективна одбрана. Во моментов тоа е она што се нарекува операција во време на криза, миротворна операција, хуманитарна операција.
Има простор за ЕУ да го води процесот на подобрување на капацитетите во поддршка на земјата. Со новата способност се поедноставува процесот на интеграција. Во моментов, шест операции на ЕУ се во тек. Три од нив се извршни, имаат оперативен мандат. Едната е во БиХ, каде учествуваа македонски војници. Земјата ја плати цената, бидејќи во 2008, 11 војници загинаа во хеликоптерска несреќа. Им ја оддаваме нашата почит. Исто така ја имаме Софија, операција во Медитеранот како одговор на мигрантската криза и поддршка на либиските сили. Потоа тука е операцијата Аталанта, која се бори против пиратството во Аденскиот залив. Имаме и три мисии во Африка – во Мали, во Централна Африка и во Сомалија. Тие се од голема важност бидејки таму се тренираат војниците во тој регион да научат како да се справуваат со заканите кои влијаат на Европа.
Тие нови закани се нов вид на предизвици. Зборуваме за илегална миграција, трговија со луѓе, тероризам и шверц, организиран криминал. Тоа се случува во земји со нефункционален систем, во земји кои од најразновидни причини немаат контрола. Во вакви околности, мисијата на ЕУ со воена компонента може да го подобри мирот и безбедноста и да се покаже колкава е важноста на интеграцијата во ЕУ за одбраната и безбедноста.
Како прв човек на Воениот комитет на ЕУ, му давате совети по прашања од воената област на Политичко-безбедносниот комитет. Каква е Вашата проценка на безбедносната ситуација во Европа во моментов? Кој е најголемиот предизвик?
Во врска со внатрешните предизвици, потребно е да се најде заеднички јазик во Европа и да се мобилизираат земјите членки да работат заедно и да ја зголемат соработката, бидејќи во моментов ги имаме и алатките и стратегијата за тоа.
Знаете, во моментов се водат дискусии за проширувањето. Во врска со внатрешните закани, тоа се оние веќе традиционалните, кои доаѓаат од Истокот, на кои може да им се одговори со традиционалните средства. Исто така, новите закани од Југот се поопасни и тие не го заменуваат старите, туку се сметаат за дополнителни. Кога ќе видите што се случуваше во Ирак и Сирија со ИСИС – географскиот тероризам беше победен, но тие станаа попрагматични и пософистицирани. Можат да влијаат на земјите, како на пример на Сомалија, која е земја погодена од сиромаштија. Тие самите не можат да се справат и затоа им е потребна помош.
ЕУ е една од организациите што даваат поддршка и има многу големи очекувања. Заканата од Југот, кој е голем регион, како што реков, е масивната илегалната миграција. Може да биде поттикната од климатските промени, зголемувањето на популацијата, криминалните организации и нарко-картелите. Како што знаете, војната во Авганистан е финансирана од шверцот на дрога, криминалот е широко распространет, потоа можната препродажба на оружје за масовно уништување.
Покрај веќе старите закани, тука се и кибер-заканите и развојот на вештачка интелегенција. Сето ова спаѓа во хибридна војна – тоа значи дека покрај употребата на конвенционалните средства, пропаганда, тероризам, т.е. некој сака да се здобие со предност против оној што треба да биде нападнат за да победи. Треба да се натпреваруваме во ова со различни средства, но и да работиме напорно да го поддржиме земјите во неволја. Да ги обучуваме, советуваме и да им помагаме на војниците. И да испратиме стратешка комуникација која Европа може да ја потпомогне, тоа е во нејзина предност. Во моментов, заканата ја држиме што подалеку од Европа.
Веќе одговоривте еден дел од моето следно прашање, но не целосно. Војувањето, воените закани и предизвици се менуваат. Со напредокот на технологијата и војувањето станува сѐ посуптилно. Се префрли во вирутелниот свет. Сите земји во светот се соочуваат со одреден облик на пропаганда и лажни вести. Како овие појави се одразуваат врз безбедносната состојба во Европа? Како ЕУ се справува со информациската војна?
Ова прашање ми овозможува да одговорам и за нешто важно што не го споменав, а тоа е соработката со НАТО. Тоа е многу важно. Кибер-нападите се една од областите во кои соработуваме. Сметам дека главната задача е да го достигнеме максимумот на соработка меѓу НАТО и ЕУ, не затоа што 22 земји се и во НАТО и во ЕУ, НАТО е големата воена организација, но сето она што се прави во ЕУ е добро и за НАТО.
Гледате дека преку европскиот фонд можеме да го зголемиме ефектот со развојот на европската технологија. Тоа е добро за НАТО, да го постигнеме нивото што сме го зацртале за да бидеме подобри, поспособни, за да реагираме во кризи и сето тоа е добро и за НАТО. Имаме потпишано договор, важна работа во овој сектор е да се биде порационален и да се најде прагматичен начин за соработка.
Кибер-војувањето е нов предизвик, нешто ново во воениот бизнис, начин на војување што ги засега сите земји, ги засега сите организации. Тоа бара не само технолошки одговор, туку и одговор и во однос на владеењето на правото. Европа е засована на вредности, но луѓето кои напаѓат можеби не се раководат од тие вредности. Ќе најдеме заеднички начин за да одговориме на размената на информации. Кибер-нападите се дел од хибридното војување и гледате и од неодамнешниот пример со кризата во Украина, појавата позната како малиот зелен човек, способноста за дејствување на недржавни актери да спроведуваат интереси на државни.
Софистицираната употреба на пропаганда од страна на терористите може да биде многу опасна. Секоја ситуација бара различен пристап. Во секој случај мора да го земеме предвид овој аспект и да размениме информации за да изградиме заеднички одговор. И кога зборуваме за развојот на техологијата, тоа е нешто што може да го направиме заедно. Ниту една земја не може да се соочи со овој проблем сама, зааеднички е полесно. Тоа бара многу инвестирање, пари, проценки и ако се земат предвид сега напредните системи за вооружување, танкери, хеликопотери, бродови… Најголемиот дел од компонетната оди за кибер-одбрана. Ќе направиме многу повеќе бидејќи сега одиме во насока на вештачка интелигенција. Само што почнавме со една работна единица, но тоа е главна тема за Воениот комитет и за НАТО.
Земјава е пред прагот и на официјално членство во НАТО. Дали Северна Македонија во престојниот период треба да очекува кибер-напади од други земји?
Не знам. Не сум разузнавач, не можам да одговорам. Но фактот дека земјата влегува во НАТО, влегува во ЕУ е многу позитивен и нешто што го менува балансот. Сметам дека сите сме постојано под кибер-напади и треба да бидеме свесни за сето тоа и за влијанието што тоа го има врз останатите воени системи.
Кибер-нападите се случуваат секој ден, секој момент, секоја секунда и мора да инвестираме постојано. Ние постојано сме во војна, во различни видови на војна, но сме постојано во војна. Ако станете дел од НАТО ќе добиете повеќе внимание и може да добиете дополнителни кибер-напади, бидејќи делите воени информации со останатите земји од НАТО.
Знаеме кога мисијата Софија замина на море со бродови дека мораше да се штитиме и од кибер-напади. Професионално е да се развиваме. Еден дел од професионалноста е и да внимаваме кога зборуваме на телефон, мора да имаме предвид дека можеби некој прислушува, можеби и не прислушува. Но колку сте поважни во системот, толку е поголема можноста да ве прислушуваат.
Припадниците на нашата армија имаат големо искуство во мировни мисии, како ИСАФ, Слобода за Ирак, АЛТЕА, УНИФИЛ, КФОР, Одлучна поддршка. Мала земја, но со голем придонес во мировните мисии е оценката што често ја добиваме од меѓународната заедница. Ваша оцена за досегашните реформи спроведени во Армијата на Северна Македонија?
Сакам да изразам почит и препознавање на она што лидерите на земјата го направија за подобрување на капацитетот на Армијата на Република Северна Македонија, начинот на кој оперира од највисоко, до најниско ниво. Имав можност да ги видам во мисијата ИСАФ во Авганистан, во Либан како прв командант. Сега се во процес на распоредување на двајца штабни офицери во Централна Африка. Само што ги посетив специјалните сили и имав можност да го видам нивниот капацитет и нивната способност. Едвај чекам да соработуваме. Ја повикав министерката за одбрана да даде можност за зголемување на присуството на војниците на Северна Македонија во мировните мисии, како таа во Африка што ја споменав, можеби и во Сомалија, каде што има голема потреба од воени сили и каде што третата земја, партнерската земја може да обезбеди стратешки капацитети. Со тоа ќе се постигнат две цели. Едната е придонес кон мисијата, постигнување на нејзините цели и самата мировна операција. Другата е да ѝ овозможи интеграција со амбиентот на Европската Унија на нацијата, бидејќи во овој момент соработката е јасна и пред очите на сите. Многу години бев командант на воените сили на терен и многу го ценам капацитетот на силите на Северна Македонија.