Градот ќе се задолжи 10 милиони евра за еколошки автобуси

633

Од идната година по скопските улици ќе се возат 30-ина нови автобуси на еколошко гориво и ќе ги заменат старите дотраени дизел возила на ЈСП без клима и дополнителна опрема. Деталите за набавката на новите автобуси ги соопштија градоначалникот Шилегов и директорот на ЈСП, Кристијан Чушков, информираат од Градот.

– ЈСП Скопје со цел набавка на нови еко-автобуси, донесе одлука за задолжување кон меѓународна кредитна институција во износ од 10 милиони евра, со каматна стапка од 1 отсто, 3 години грејс период и 7 години отплата, без вклучен грејс период. Кон обезбедување на задолжувањето потребно е да се добие државна гаранција. Бидејќи е утврден начинот на финансирање за планираните нови автобуси, динамиката на целиот проект предвидува на есен да се распише тендерот, а до крајот на годинава да се потпише договорот со фирмата што ќе ги испорача автобусите. Автобусите ќе бидат нископодни, и планираме две третини од нив ќе бидат зглобни, а една третина единечни – кажа Шилегов.

Целта на оваа набавка е Скопје да добие модерен јавен транспорт, кој е економски ефикасен и не го загадува воздухот.

– До сега низ Скопје пробно сообраќаа неколку еко автобуси од различни производители. Имавме три автобуси на гас и еден електричен автобус. Целта беше да стекнеме искуства и најдобро да оцениме кој тип на автобус е најсоодветен за сообраќајот во Скопје. Автобусите на гас се енергетско ефикасни. Споредено со потрошувачката на старите дизел- автобуси, овие автобуси трошат речиси двојно помалку гориво, што дополнително ќе ги намали трошоците на ЈСП. Најголемата предност е тоа што емитуваат значително помалку ЦО2 што речиси воопшто не го загадуваат воздухот – додаде Шилегов.

Градоначалникот Шилегов додаде дека набавката на овие автобуси значително ќе го подобри функционирањето на ЈСП-Скопје и ќе ги намали трошоците на неговото работење, бидејќи 202 автобуси, што беа набавени пред 7 години се со лош квалитет, истите често се расипани, а во случајот со кинеските автобуси, поради непостоење на овластен застапник не постои можност за нивна сервисна и техничка поддршка.

Шилегов додаде дека во трансформацијата на јавниот превоз ќе бидат вклучени и приватните превозници, предвидени се субвенции за набавка на нови еколошки автобуси, како и за адаптација на истите на еколошки гас.

Решавањето на деценискиот проблем со јавниот превоз во Скопје е дел од листата на приоритети на Градот Скопје, кој заслужува автобуски превоз што нема да загадува, ќе биде енергетски ефикасен и во целост ќе излезе во пресрет на потребите на граѓаните коишто го користат.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...