Нов систем за заштита од временски непогоди којшто предвидува контрола на климатските услови преку таканаречено засејување ќе се примени во Македонија. Тоа подразбира надлетување на небото на територија на Македонија со специјално опремени авиони кои ќе испуштаат раствор за спречување на формирање мраз во облаците. Со овој вид заштита од природни климатски непогоди, како што е градот, се постигнува најефикасен систем за превенција и неколкукратно поекономичен систем од старите ракетни системи.
Ова е дел од измените на Уредбата за доделување на техничката поддршка во земјоделството и руралниот развој, со коишто се додаде нова подмерка „Услуги за авионско засејување на облаците за превенција од природни непогоди и неповолни климатски настани врз земјоделски посеви“, а кои Владата на вчерашната седница ги усвои.
Во текот на изминатиот период Министерството за земјодлество, шумарство и водостопанство (МЗШВ) направи повеќе истражување на различните типови на заштита и консултации со релевантни страни, при што се дојде до заклучок дека ваквиот тип на заштита е најпрецизен и економски исплатлив затоа што не бара сериозни инвестиции во комплексни системи какви што се денешните за кои никој не може да гарантира висок процент на заштита, односно досегашните алтернативните системи за справување со природни непогоди (град) предвидуваат испукување на ракети од земја кон облаците и во повеќе случаи се докажале како неефикасни.
Следува УХМР да спроведе јавна набавка за избор на компанија за услуги за авионско засејување на облаците за превенција од природни непогоди и неповолни климатски настани врз земјоделски посеви.
Проценетата вредност за набавка на услугите е 90 милиони денари, што е неколкукратно поекономично од инвестициите во ракетен систем чија проценета вредност за инсталација и одржување е еднократна инвестиција од 1 милијарда и 200 милиони денари и дополнителни трошоци за одржување и набавка на материјали од 300 милиони денари на годишно ниво.
И натаму на земјоделците на располагање им стои мерката од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2019 година за кофинансирање на трошоците за премијата за осигурување за надоместок на штета врз земјоделското производство во висина од 60 отсто. Вкупната сума во Програмата за оваа намена е 70 милиони денари. МЗШВ работи и на нов модел за зголемување на осигурувањето на земјоделското производство.