Вршителот на должност помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Филип Рикер, придружуван од американската амбасадорка во земјава Кејт Бернс денеска ја посети Општина Битола и оствари средба со градоначалничката Наташа Петровска.
Поранешниот амбасадор на САД во нашата земја Филип Рикер изрази задоволство што повторно е во посета на Битола и ја претстави новата американска амбасадорка Бернс, која за прв пат беше во официјална посета на Општина Битола.
– Битола е градот кој има стратешка позиција и во економскиот и во политичкиот живот во земјава – истакна Рикер на средбата со Петровска.
Градоначалничката Петровска посочи на идна соработка и се заблагодари на поддршката која градот Битола ја добива од страна на САД.
Високиот американски функционер од Битола, работниот престој го продолжи во Скопје. Во известувањето од средбата, нема информации дали Петровска била прашана и дали ги информирала високите гости за нејзинот случај во аферата „Рекет“.
Градоначалничката Петровска која беше посочена како една од жртвите во големата афера вчера изјави дека истражните органи досега не ја контактирале во врска со овој случај.
– Во овие околности не сакам да зборувам за постапка и процес што ги водат други органи. Кога ќе бидам запрашана од надлежни институции ќе дадам одговор – кусо изјави Петровска, додавајќи дека доколку тоа од неа биде побарано веднаш ќе се јави пред надлежните органи.