Градоначалниче Шилегов, еве ви предлог да сторите нешто попаметно со 300.000 евра, пари од градскиот буџет!

Со близу 300.000 евра народни пари, колку што планирате да потрошите за Винтерленд и за новогодишно украсување на градот, градоначалниче наш, би можеле скопјани да ги почестите со најмалку 12 дена бесплатен јавен превоз во градските линии во најкритичните денови на аерозагадувањето. А парите за новогодишната забава можеме заеднички да ги обезбедиме од спонзорства.

8081

Градоначалниче Петре Шилегов, јавно ви се обраќам и ви предлагам малку заеднички да се информираме, да направиме една домаќинска математика и да дојдеме до еден попаметен предлог како да ги почестите скопјани за Нова година и за Божик. Ви благодарам за информацијата што ми ја соопштивте лично, дека за организацијата на новогодишната населба Винтерленд ќе потрошите 5 милиони денари пари од градскиот буџет и уште 13 милиони денари за новогодишно украсување, што ќе рече 18 милиони денари, или близу 300.000 евра.

Можеби сте слушнале дека во главниот град на Естонија, Талин, од 1. јануари 2013 година функционира бесплатен јавен градски превоз. Веќе шест години. Нешто повеќе од 400.000 граѓани бесплатно се превезуваат по 60 автобуски, 5 тролејбуски и 4 трамвајски линии. Ефектите од овој проект се позитивни. Аерозагадувањето е значително намалено. За бесплатниот превоз од градскиот буџет се издвојуваат 12 милиони евра годишно, односно околу 30.000 евра дневно.

Така е во Талин. Скопје има повеќе жители, но помалку градски автобуски линии (47). Немаме ни трамвај и ни тролејбус. Би можеле ли да претпоставиме дека една пристојна цена што би го „покрила“ трошокот на ЈСП „Скопје“ за еднодневно бесплатно возење на патниците би била околу 25.000 евра? Се разбира, под претпоставка дека нашиот градски превоз е исто толку рационален, економичен и добро организиран како тој во Талин. И под претпоставка дека вработените во градскиот превоз на естонската престолнина се подобро платени од нашите. Јас мислам дека станува збор за фер проценка.

Вие, господине Шилегов, одлучивте годинава за скопскиот Винтерленд (новогодишна населба на плоштадот Македонија, со украсени куќички, вештачки снег, катчиња за игра и смеа и секојдневна програма), како и за новогодишно украсување, да потрошите околу 300.000 евра од градскиот буџет. Тоа, за споредба, е една петтина од вкупните пари предвидени во централниот буџет за борба против аерозагадувањето. Значи, парите не се за потценување. А ако има новогодишна журка, ќе потрошите уште пар. Кон тоа треба да се додадат и парите што евентуално ќе ги потрошат градоначалниците на скопските општини за новогодишни лудории. Не е чудо да стасаме и до половина милион евра…

Јас ви предлагам да ја измените вашата одлука и да постапите попаметно. Еве како.

Според пресметката што веќе ја изложив, со 300.000 евра вие би можеле скопјани да ги почестите со најмалку 12 дена бесплатен јавен превоз во градските линии. Секако, тоа има смисла само ако знаете како во тие денови ефикасно и жестоко да го ограничите користењето на приватните возила. Со други зборови, тоа значи дека во најкритичните две недели вие би можеле граѓаните на главниот град да ги почестите со почист воздух.

На вас оставам да размислувате дали е практично тие две недели да се поклопат со новогодишните и божикните празници, односно со деновите на зимскиот распуст (па на најмладите да им се овозможи бесплатно движење на почист воздух и уживање во зимските радости), или деновите со бесплатен превоз да се искористат по некаков друг, попрактичен распоред.

Од друга страна, има начин истовремено да ја реализирате и интересната и допадлива идеја за новогодишна населба во центарот на градот. Јас сум убеден дека најмалку десеттина моќни компании би можеле да го спонзорираат вашиот Винтерленд и украсувањето на градот, ако вие, како градски татко, учтиво и умешно ги замолите. Јас ви стојам на располагање во медиумите со кои раководам да ги промовираме нивните благородни гестови.

И уште нешто ќе ви предложам, господине Шилегов. Повикајте ме и мене и уште десет или дваесет други јавни личности, од сите области, за да ви помогнеме во обидот да обезбедите спонзорства. Ве уверувам дека никој нема да одбие да биде ваш лобист, ако знае дека народните пари што сте ги предвиделе за оваа иницијатива ќе се потрошат за најубавиот новогодишен подарок што им го должите на скопјани – почист воздух тогаш кога им е најпотребен.

Еве ви можност да направите разлика, градоначалниче Петре Шилегов. На граѓаните на Скопје сепак им е потребно нешто повеќе од леб и игри.

ПС. По објавувањето на написот, градоначалникот Шилегов ме извести за една важна информација битна за контекстот – Град Скопје годишно го субвенционира градскиот превоз со 590 милиони денари. Браво! Одлично! Фантастично! Супер! Тоа значи дека трошоците на ЈСП мора да се далеку помали од оние во Талин. Тоа значи дека со 300.000 евра можеме да обезбедиме бесплатен јавен градски превоз за повеќе од две недели. Можеби за цели три или четири недели! Тоа значи дека „новогодишното пакетче“ почист воздух за скопјани може да биде уште побогато. Благодарам на инфото, господине Шилегов.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...