Заедно со претседателските избори денеска се одржуваат и предвремени локални избори за градоначалници на Охрид, Ново Село и Дебар.
Според заклучениот избирачки список на Државната изборна комисија, за предвремените локални извори во Охрид право на глас имаат 52.303 граѓани, во Дебар 18.625 и во Ново Село 11.365 граѓани.
Петмина кандидати поднеле кандидатури за предвремените избори за градоначалник на Охрид, а по двајца за градоначалници на Ново Село и Дебар.
Во трката за градоначалник на Охрид се Нихаил Трендафилов-Нанче од партијата Граѓанско-демократска унија, Митре Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, Константин Георгиески од СДСМ, Стевче Стевоски како кандидат на политичката партија Демократи и Џемал Мена од Движењето Беса.
За испразнетото градоначалничко место во Ново Село кандидати се Никола Андонов од СДСМ и Николчо Стоилков од ВМРО-ДПМНЕ.
Во трката за градоначалник на Дебар ќе учествуваат дебарските доктори, Хекуран Дука, кој е кандидат на ДУИ, и Арбен Аголи на Алијасата за Албанците, поддржан од Движењето Беса.
Вториот круг на предвремените локални избори за овие три општини ќе се одржи заедно со претседателските на 5 мај.