Градоначалникот на Љубљана на гости кај Заев и Шилегов

374

Премиерот Зоран Заев и скопскиот градоначалник Петре Шилегов денеска се сретнаа со градоначалникот на Љубљана, Зоран Јанковиќ, кој од вчера е во посета на Скопје.

„На средбата е изразена поддршка на Македонија во нејзините аспирации за евроатлантска интеграција, како најдобра гаранција за мирот и економскиот просперитет на земјата и регионот“, соопшти владината прес-служба.

На средбата, стои во соопштението, Јанковиќ на премиерот Заев му честитал за договорот со Грција за решавање на долгогодишниот спор и стратешко партнерство, посакувајќи му успешен референдум во интерес на граѓаните на Македонија и нивниот просперитет, истакнувајќи ги како придобивки од членството во Европската унија и НАТО.

Јанковиќ, на кого ова му е трет мандат како градоначалник изразил подготвеност и поддршка за споделување на позитивните искуства во иницијативите и проектите за развој на инфраструктурата, како и унапредување на соработката во трговската размена, туризмот и претставување на културните вредности.

„Премиерот Заев, го истакна задоволството од долгогодишното пријателство кое Македонија и Словенија ги поврзува, повторувајќи дека концептот на едно општество за сите и регионална соработка со сите соседни земји е единствена алтернатива за нашата татковина и претставува гаранција за успешни економски реформи и развој во интерес на сите граѓани, соопштуваат од македонската Влада.

Како што информираа од Кабинетот на градоначалникот на Скопје, Шилегов и Јанковиќ разговарале за досегашната и идна соработка на двата града кои се збратимени во 2007 година. Продлабочувањето на соработката ќе се однесува пред се во сферите на урбаниот развој на градовите, управувањето со отпад, користењето на ЕУ фондовите, соработката на повеќе европски проекти, како и на соработката на советите на двата града.

Шилегов го запознал Јанковиќ за поголемите капитални проекти кои град Скопје планира да ги реализира во наредниов период, како што се изградбата на подземниот тунел под Кале и модернизацијата на возниот парк на јавниот превоз во Скопје со еколошки возила.

Шилегов и Јанковиќ заедно се прошетаа низ Старата чаршија, една од најпознатите знаменитости на градот Скопје.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...