Основното јавно обвинителство Битола поднело обвинителен предлог против три лица за незаконско вработување во Демир Хисар, од кои две се товарат за сторено кривично дело – злоупотреба на службена положба, а едно лице за кривично дело несовесно работење во службата.
Како што соопшти Јавното обвинителство, тројцата обвинети делото го извршиле како службени лица и тоа едниот како градоначалник на Општина Демир Хисар, вториот како раководител на Центарот за вработување и третообвинетиот како соработник за услуги за поддршка за вработување во Центарот за вработување Демир Хисар.
Обвинетиот градоначалник со пречекорување на границите на своето службено овластување и неизвршување на својата службена должност за совесно и законито работење и доследно почитување на член 8-а став 1 алинеја 4 од Изборниот законик, овозможил вработување на три лица како административни службеници во Општина Демир Хисар на определено време спротивно на одредбите пропишани во Изборниот законик.
Имено, вработувањата биле извршени по донесена Одлука за распуштање на Собранието и Решение за распишување на предвремени парламентарни избори за пратеници во Собранието, објавена на 11.12.2016, по која не може да се започне постапка за вработување нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи.
Вработувањата за кои донел одлука обвинетиот градоначалник, а истата ја спровел второобвинетиот, се однесувала на работни задачи кои немале итна природа. Вработените лица биле ангажирани на определено време за работа на проекти, за чија реализација општината донела одлука дури подоцна, на 59-та седница на Советот на Општина Демир Хисар одржана на 29.12.2016 година.
Третото обвинето лице делото го сторило поради тоа што не презело дејствија за проверка на поднесена пријава за вработување, па иако за работните места на кои се вработуваат лицата биле потребни три одделни пријави, тој извршил евидентирање на вработувањата врз основа на поднесена една пријава која се однесувала за сосема други работни места, се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.