Градинките на 2. јануари ќе работат со дежурства, приватниците и локалната самоуправа да не работат

359

Градинките на 2. јануари ќе работат со дежурства, по одлуката на Владата овој ден да биде неработен ден за вработените во јавната администрација – најавуваат од Министерството за труд и социјална политика.

– Со одлуката на Владата, 2. јануари е прогласен за неработен за вработените во јавната и државната администрација, а тоа значи дека здравствените работници и останатите служби ќе работат по принцип на дежурства. Во однос на приватниот сектор и единиците на локална самоуправа, Владата им препорачува да го следат примерот по одлуката 2. јануари да биде неработен ден – појаснуваат од Владата.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека градинките ќе работат со  дежурства, со оглед на тоа дека Владата препорачува, а не обврзува овој заклучок да важи и за приватниот сектор.

– Бидејќи 2. јануари е можно да биде работен ден за приватниот сектор, а родителите да имаат потреба од згрижување на своето дете, ги информиравме градинките да ги известат родителите дека згрижувањето на децата ќе се организира во еден од објектите на установата. Тие треба благовремено да ги известат родителите во кој објект ќе се врши згрижувањето на децата – велат од Министерството за труд и социјална политика.

Владата на Република Македонија на завчерашната седница донесе одлука 2. јануари 2019 година да го определи за неработен ден за вработените во државните институции, за кој дополнително ќе се одреди кога тој ден ќе биде одработен.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...