или
Не(до)разбирања за уметноста (3)
Секоја реакција на моето инсистирање на поврзување на уметноста – тоест, во случајов, со неуметноста – и државата би била само делумно прифатлива. Имено, точно е дека во нормални (европски, ама и во многу земји во светот) државата се обидува, најчесто успешно и преку разни механизми, да се дистанцира од процесот но и од финалниот уметнички „производ“ (без оглед дали навистина станува збор за уметност или не, што во крајна линија е работа на други „инстанци“, на пример критиката!). Зошто? Токму затоа што е, во најмала рака, непримерено државата (читај: политиката), покрај сѐ, да е инволвирана дури и во уметничкиот процес/резултат. За тоа, за таа потенцијална инволвираност на државата, паметните измислиле низа процедури кои што, со нивната сложеност, уште на прв поглед, ве одвраќаат од „грешни мисли“.
Ние, се разбира, не размислуваме така, ако воопшто и размислуваме за тие нешта. Ние, како држава, како власт, како политика, дури се гордееме ако сме „до балчак“ заплеткани и во тој процес, за што, повторно, сведочи она шизоидно „Скопје 2014“ каде самото фирерче, главом и носом, ги бираше главните „дела“ што денес ни го „красат“ центарот на градот! Но, тоа, да речеме, беше една можна крајност која што не би сакале да се повтори. А сепак, тој „процес“ на мешање на државата односно политиката (и) во уметничкиот процес/резултат сме го имале и пред фирерчено, го имаме и денес, а популарно се нарекува (отприлика) Годишен конкурс за финансирање на проекти од национален интерес во културата. И бидејќи уметноста, со право, е дел од културата, државата, олицетворена во Министерството за култура, буквално – или, ајде да ја омекнам констатацијата: индиректно! – ги избира и уметничките проекти (книги, претстави, изложби, филмови…) во нивната почетна (и комплетно нејасна, само со зборови елаборирана) фаза. Фаза односно проект односно предлог кој што, во идната разработка и финализација може да претрпи безмалу целосни измени, а за што никого не го боли глава. И ако кажете дека, сепак, во тој процес (книга, изложба и сл.) станува збор за „мали пари“ – иако тоа е сосема релативна, неодредена формулација – во театарот на пример тоа не е така, а за филмот и да не говориме бидејќи таму се вртат по милион евра од филм, секоја година кај исти луѓе! Оттука, моето апострофирано посочување на државата во врска со наталожените проблеми во македонската уметност не е баш така случајно, уште помалку наивно и неаргументирано!!!
Но, без оглед на тоа, јас и понатаму (ќе) стојам на ставот дека мали држави од нашиот формат, без соодветен културен и особено уметнички пазар, едноставно се осудени да се плеткаат и таму каде што не им е местото – во уметноста! – инаку ризикуваат да останат и без тоа малку што го имаат. Но, токму затоа се измислени институциите, особено оние со национален предзнак, токму затоа се смислени процедурите за добивање државни средства за уметнички проекти, итн. Но токму затоа на светов, па и кај нас, постојат учени професионалци, а едновремено и чесни луѓе кои знаат и умеат да ја вршат и таа работа. Без оглед дали се членови/симпатизери на владеачките партии. А видовме/гледаме до каде нѐ донесоа токму тие членови. Или, и парите, особено парите кај нас имаат партиска боја?
Ако тој проблем во уметноста немоќно го гледавме цели дванаесет години, ако гледавме шалабајзери и шарлатани како ни продаваат уметност, мораме ли тоа да го гледаме и денес? Ако сите партиски местенки со наводно „стручни“ комисии нѐ доведуваа до лудило, мораме ли истиот филм да го гледаме и денес? Или, кога веќе го спомнувам филмот: па малку ли им беа милионите евра разграбани по секакви партократско-пријателски основи на оние неколкумина „славни“ наши македонци и македонки та мораме и денес да им го плаќаме секој испрдок? Таа убиствена врска, тој јарем околу сопствениот врат оваа власт, оваа држава, мора да ги прекине односно мора безусловно да ги прифати и наметне сите (одамна измислени) демократски процедури на (неопходното) финансирање (и) на уметноста со државни пари. И тука нема пардон, нема привилигии, нема протекции.
Една од гаранциите во тој поглед, можеби единствена, е стручноста, компетентноста, професионалноста на луѓето во државните институции кои се бават со „проценка“ на потенцијалните можности/квалитети на еден уметнички проект. Ако тука се проврат етничко – партиски пулени со конкретни задачи зададени од партиските штабови, работата во старт пропаѓа. И тоа, за жал, нѐ следеше повеќе од една деценија и тоа во онаа најрудиментирана, најпростачка форма на партиски грабеж во името на „уметноста“. Вреќи пари, се разбира метафорички, а (велат) некогаш и буквално, се изнесуваа од она Министерство за култура, со државно-партиски амин, за коекакви „уметнички“ идиотштини и хохшаплераи, за измислени „национални проекти“ и „национални величини“. Не е тајна и дека голем дел од парите и хонорарите за она малоумно „Скопје 2014“ се враќале во партиската каса или (попрво) во џебовите на поединци од партиската врхушка. Од каде, инаку, онакви цени небаре во Скопјево работеа сѐ сами Леонардовци и Микеланѓеловци!? Или уште еднаш: зошто никој не ги (на)прави конечните математики во македонскиот филм – што инаку, повторно, е обврска од Националната стратегија – за да јавно се види „завршната сметка“ колку милиони евра легнале во џебовите на „големите“ македонски режисери? Зашто, кога го слушате Фатих Акин како вели дека не е сигурен дека ќе најде пари за следниот негов филм, добивате желба да му понудите македонско државјанство па човекот да нема такви гајлиња! Се разбира, ако успее да се справи со домашниве хиени во јагнешка кожа. А впрочем, прашање е и дали воопшто од локалциве ќе биде прифатен/признаен како некаква филмска вредност? Зашто кај нас важат сосема различни правила (не само во филмот). Едното е: колку ти е полош претходниот „производ“, толку повеќе пари ќе добиеш за идниот. И така секоја божја година. Сакам да речам дека нашата локална „политика“ во уметноста е да наградуваме неуспеси, а не – успеси! Е тука филмот е шампион!!!
Односно, за жал, кога говориме за состојбите во уметноста денес, започнуваме да ги сведочиме горе-долу истите или сличните односи и во изминативе три години. Со малку, сосема малку видоизменети актери/улоги, и форми, а со еднаков ефект. Механизмите се речиси исти, дел од „националните величини“ успешно се престроени, касите еднакво успешно се празнат, со еднакво поразителен резултат! И затоа, кога говориме за состојбите во уметничката сфера и државната улога во истата, а имајќи предвид дека без силната државна поддршка нема да имаме ни „у“ од уметност, јасно е дека многу нешта (ќе) мора да се менуваат. Го сакале ние тоа или не, инаку ја осудуваме уметноста на континуирано пропаѓање во апсолутно сивило, во страотна непрепознатливост, дилетантизам, кич и невкус. Првиот чекор кон излезот од безизлезот е стимулирањето на критиката. Без јавен критички збор не може да постои уметност и не можат да функционираат здрави односи во таа област. Критиката – се разбира ако е стручна и компетентна – е таа што валоризира. Јавно! Но (и) за тоа во некоја наредна прилика.
Извор: Теодосиевски уметност