ГПС од мобилниот на патник ќе покаже за колку време стигнал автобусот кај Ласкарци?

1364
Photo: EPA/GEORGI LICOVSKI

Уште еден патник во автобусот на „Дурмо Турс“ кој излета од автопатот кај Ласкарци, денеска сведочеше за несреќата. Денеска тој е единствен од патниците кои сведочеа, откако други патници зборуваа на минатите рочишта.

По наплатната рампа кај Глумово, рече патникот, почувствувал нагло свртување, помислил дека автобусот претекнува, но не можел да види дека има кола или нешто друго пред автобусот. Така, во косина, раскажа тој, автобусот продолжил да се движи и не почувствувал дека има кочење.

– Почнаа извици, гласно пискање и викање. Не слушнав ништо од возачот. Не почувствував забрзување или забавување, имаше еден вид вибрација на целиот автобус, но не можам да посочам дали беше тоа кочење или нешто друго – сведочеше Бејтула.

Патникот рече дека бил спремен и да отиде напред кај возачот да помогне, постанал, видел дека се движи многу бргу и се фатил седиштето кое било пред него. Го видел шоферот дека го држи воланот, но не видел друга реакција.

– Само седнав и се фатив за предното седиште. Почувствував кога падна автобусот, не изгубив свест, станав, видов еден куп луѓе беа натрупани на задната страна. Мислам дека бев еден од првите кои излегоа сами од автобусот. По излегувањето го видов возачот Мануел. Мане, беше неколку метри пред автобусот, седнат и се држеше со левата рака на градите. Се сеќавам дека го прашав „што направи вака?”, тој не одговараше ништо, само ме гледаше – се присети патникот.

Бејтула во автобусот се качил на Партизанска кај Симпо, а на неговиот телефон имал вклучено и ГПС.

Одговарајќи на прашањата на обвинителот Дарко Јакимовски, патникот рече дека ГПС-от бил вклучен критичниот ден и ги забележал рутата и времето за кое автобусот го поминал патот.

Мобилниот е даден во форензика во МВР на вештачење и резултатите веројатно ќе бидат и дел од доказите кои во понатамошната постапка ќе бидат изведени.

Инаку, Бејтула е патникот кој наредниот ден по несреќата даваше изјава за два медиуми на албански јазик, а чија изјава беше пренесена и во македонските медиуми. Дел од јавноста можеби се сеќава на изјава дека патник помагал и се борел да го исправи воланот, а денешниот сведок рече дека тој е тој патник, но изјавата е погрешно пренесена.

– Дадов изјава заради приватни причини, разбрав дека беше проширена веста дека сум меѓу починатите, а поголемиот дел од мојата фамилија и роднини се во странство и затоа решив да излезам на медиум за да видат дека сум жив. Во изјавата изразив сочувство, но апсолутно не кажав дека сум се борел со воланот – рече Бејтула.

Во автобуската несреќа кај Ласкарци попладнето на 13 февруари годинава загинаа 16 патници, а 37 беа потешко повредени.

Во случајот обвинети се шест лица. Сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во фирмата Ремзи Мифтари и возачот на автобусот Маноил Трифуновски се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека тројцата вработени во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски за соучество во истото дело.

Случајот го води судијката Дијана Груевска Илиевска.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...