Александар Трајковски кој беше фотографиран со Никола Груевски во Будимпешта се вратил во Македонија. Тој утрово пристигна во Кривичниот суд во Скопје на рочиште за „Насилството во Центар“ каде е еден ос обвинетите заедно со избеганиот поранешен премиер.
Трајковски ги игнорираше новинарите пред судот не одговарајќи им на ниту едно од прашањата.
Тој е вработен во Царинската управа на Република Македонија, а откако беше „фатен” во Унгарија, оттаму информираа дека тој зел боледување од 5 декември. Дали боледувањето му било оправдано ќе се утврдува бидејки според правилата во рок од 2 дена откако тој ќе се врати на работа треба да поднесе извештај. Ако постојат сомнежи за злоупотреба на боледувањето против Трајковски може да се поведе и дисциплинска постапка.
ОБНОВЕНО
Трајковски, подоцна објасни зошто бил во Будимпешта наведувајќи дека барал второ мислење за неговата болест. Тој кажа дека имал проблеми со дишните патишта односно намален капацитет на белите дробови.
Унгарија, рече тој, важи за понапредна од Македонија, членка е на ЕУ и има подобро здравство. Документацијата за тоа, посочи дека ќе ја достави до судот откако претходно обвинителката Фатиме Фетаи во судница побара обвинетиот да му објасни на судот која била целта на неговата посета на Будимпешта, како и да ја објасни сликата со Груевски.