Господ на помош!

5711

Постои една индиска молитва на лекарите околу операционата маса – „Нека ни помогне Господ за да го направиме најдоброто што можеме“. Ваква традиционална молитва видно ја зајакнува сугестијата и кај екипата и кај пациентот дека исходот ќе биде успешен. Силата на духот си го прави своето.

Премиерот Заев и Ципрас направија револуционерен пресврт во менталниот код на балканскиот политичар – водач. Го урнаа балканскиот мрачен политички ум од кој тешко продира светлината. Со мачна Сизифова битка процесот кај нас е успешно завршен, и преостанува истото да се случи и кај нашиот сосед. Тоа беше многу тешка битка меѓу силите на вистинскиот и лажниот патриотизам, меѓу интеграцијата и изолацијата, меѓу напредокот и сиромаштијата, меѓу егзодусот и запирањето на миграцијата, и многушто друго „меѓу“. Заврши ерата кога се возвишуваа споменици за да се понижуваат луѓето, од чии лица се изнудуваше насмевка иако во срцето имаа длабока рана. Крај на состојбата кога од колективна несреќа се градеше нечија лична среќа. И сега Груевски од Будимпешта апелира да се собујат влечките, оти малку ни било тоа што 11 години ни го приредија. Беа научени да бегаат од императивни и нормални решенија, ама за нивните џебови изнаоѓаа долгорочни решенија.

Русија

Гледаме дека путиновата Русија е ептен „загрижена“ за „наметнувањето решение за името на недемокртски начин“, а дека имало дефект и на „легитимитетот“! Велат – „ставот на Руската Федерација останува непроменет: одржливо решение мора да биде најдено без надворешен притисок и наметнување рокови и услови, врз основа на широка општествена поддршка – во Република Македонија и во Грција – и исклучително во рамките на правото. Поаѓаме од тоа дека ова прашање мора да биде разгледано од Советот за безбедност на ОН, во согласност со точка 3 од Резолуцијата 845 на Советот за безбедност на ОН.” Некој бара влакно во јајцето.

Секој што прочитал три реченици од Повелбата на ОН (и од Резолуцијата 845 ), ќе рече дека штом двете суверени држави се договорени, ОН тука веќе нема работа освен за аплауз и наздравување. Точката 3 од „Резолуцијата 845“ бара само да се информира Советот за безбедност од страна на gенералниот секретар на ОН, и тоа само се констатира и поздравува. Одобрување или вето ниту во сон. Но, реалните проблеми на Русија не се ни демократијата ни легитимитетот, а најмалку грижата за Македонија. Таа со инволвирање во Македонија и на Балканот сака да ги реши сопствените рутински проблеми со помош на големи проблеми кај нас и регионот. Таа добро знае дека многуте од своите болки – Крим, Лугањск, Доњецк, Турскиот поток (гасоводот), проблемите со Белорусија, укинувањето на санкции и излегувањето во јужните мориња – може да се лечат само ако создаде балкански вооружен конфликт. Пошто самата би се факторизирала во однос на Западот за поновно воспоставување мир (но, сега со други граници и со милион жртви). Токму поради тоа ние тек треба да утврдиме што била нивната улога во обидот за државен удар кај нас!?

Напротив, реалната катаклизма тука ќе се случеше ако не се решаваше тој долгорочен проблем, поради кој веќе плативме многу скапа цена. Па нели од второто место во регионот (по Словенија) стасавме на последното, потоа патриотското ограбување на над пет милјарди евра наши пари, потоа тоталната економска пропаст, невидениот егзодус, долгогодишната диктатура, обидот за државен удар итн. И сега некој што бил дел од таа општа несреќа, ниско ќе се пофали со Законот за јазиците, а истиот не можеа да го направат цели 10 години во љубовна врска со ВМРО. А токму поради таквото лошо владеење, сега драстично е намалено бројот на тие што би го користеле својот мајчин јазик на сите нивоа.

Грција

Скептиците се прашуваат – што ако Грција не успее да го ратификува договорот? Влогот е многу голем за да може такво нешто да се случи. Тоа е само теоретски возможно. Дури по некое чудо и тоа да се случи, Македонија воопшто нема да има пречки за да продолжи со интегративните процеси. Таа си го завршила својот дел од обврските. Дури и сегашната грчка опозиција како власт, нема да може да ја одбие ратификацијата на Протоколот за НАТО. Но, поважно од сѐ е тоа што во услови на „недовршени држави“ на Балканот (односите Србија – Косово, сепаратизмот на Република Српска во БиХ), зајакнувањето на радикализмот во самата ЕУ поради бегалците и азилантите, и олабавувањето на врските САД-ЕУ, Македонија сепак е една голема светла точка за пренасочување на регионалните процеси кон решавање на меѓусебните проблеми и забрзувањето на евроатлансткиот процес во целиот Западен Балкан.

А Христијан Мицкоски вели – „не е важно дали си мала или голема држава, туку е важно дали си во право според меѓународните норми„! Па треба да знае дека и Белуџите и Курдите се по 30 милионски народи и имаат право на самоопределување (како меѓународна норма), па немаат нивни држави.

Без развој, сѐ е џабе!

Сета таа голема меѓународна политичка инвестиција, може да падне во вода ако не се случи сериозен економски пресврт во државава. Тука мора да се пренасочи голема енергија како на микроплан така и намакроплан. Треба да се поедностават сите процедури, за да се стимулираат внатрешните ресурси и инвестиции колку и да се мали. Секој што има некаква пара кај себе, треба да се информира што може да направи со нив. Тоа го прават дури и најразвиените земји, а кај нас со месеци и години министерствата, општините ги дестимулираат тие капацитети. Потребни се сериозни законски измени на овај план. Оти може да се случи во блиска иднина да имаме средена држава ама да немаме луѓе. Бројни компании веќе се жалат дека им избегале работниците надвор, а државата ја напуштат и многу кадри вработени во државни служби.

Претседател-криза

Велат дека ако не успееме да избереме претседател ќе ни следи уставна криза! Па ние нели преживеавме состојба кога имавме председател кој самиот цело време продуцираше уставна криза, па добро се снајдовме. Па може да ни се случи без ич претседател да ни биде полесно и понормално. А за ефективното и вистинско помирување, само Господ може да ни помогне, ама не верувам дека тоа е можно со верски старешини кои полесно соработуваат со овдешните лажни богови отколку со вистинскиот Бог. Тешко сфаќаме дека животот е сосема едноставен, освен ако самите со нашиот талент не го комплицираме. Често знаеме да уживаме на големи празнини, наместо да работиме на мали содржини. Тие кои сакаат да постигнат нешто не чекаат тоа нешто да се случи самo по себе, туку самите им се случyваат на нештата.

Нека ни помогне Господ за да го направиме најдоброто што можеме!

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...