Господа Заев и Мицковски, додека си изнесувате лекции да ви ја претставам реалноста

Ајде да ве замолам да не објаснуваме кој колку знае и умее, граѓаните многу добро знаат, туку да смогнеме сили и заеднички да почнеме да ги решаваме проблемите.

8316

Многу внимателно ја проследив вашата заедничка акција за лекции по економија и контра лекции. Иако беа денови пред Воскресение, Велигден, најголемиот христијански празник вие не пропуштивте да се нападнете еден со друг и да се „изгризате“ преку медиумите за тоа кој е поголем експерт по економија. Ќе беше интересно ако не беше жално, но некој мора да ви ја претстави реалноста, која за жал воопшто не е розова.

Денеска Македонија е најсиромашната држава во Европа, со најголем процент на невработеност и со најголема тенденција за иселување на младите во Европа. Да, Македонија се наоѓа на Балканот, кој е дел од европскиот континент господа професори и економски лектори. Многу е жално што по условите за живот и стандарт можеме да завидиме и на некои африкански држави.

Македонија почитувани господа нема правосуден систем, има некаква имитација која само може да ве осуди на 3 години затвор ако сте украле кило ќебапчиња за да си ги нахраните децата, бидејќи од такви експерти и лектори по економија имаме многу сограѓани кои се на работ на својата егзистенција.

Но ако случајно сте ја опљачкале ТАТ, сте приватизирале и сте украле милијарди долари државен имот, кој всушност е сопственост на граѓаните, сте предизвикале воен конфликт во државата, сте реализирале проект како Скопје 2014 кој што и не се знае колку всушност чини, сте побарале 15 отсто од Кинезите и се чудите да не се многу, е тогаш судиите треба да посетат лекција по економија.

Да не спомнуваме за тоа дека благодарение на руинираниот здравствен систем сме први во Европа по смртност на новороденчиња, инфаркти и мозочни удари-инсулти.
Образованието ни е многу далеку од европското, но сепак вие ќе ни изнесете по една лекција.

Ако зборуваме за невработеноста, минималната и средната плата во државата и ако споменеме дека за вас е успех 12000 денари што всушност се 200 евра и во една нормална земја тие се заработуваат за 3 работни дена, тогаш ви благодарам за лекциите и искрено не би сакал да ги слушам. Би ислушал една лекција од некој Германец, Французин или Швајцарец, како успеале да стигнат толку напред, не за друго туку затоа што нашите деца сакаат да живеат токму во такви услови, па белким ќе запомниме нешто и ќе успееме да го имплементираме тука.

Всушност почитувани лектори би можел да избројувам уште многу, но тоа со ништо нема да и помогне Македонија. Ајде да ве замолам да не објаснуваме кој колку знае и умее, граѓаните многу добро знаат, туку да смогнеме сили и заеднички да почнеме да ги решаваме проблемите.

Нека започнеме од очајната потреба од правда во нашата земја. Нека се обединиме и да го решиме овој проблем. Ајде да се обединиме околу реформите во здравството, зошто ова вака не бива повеќе. Ајде кога зборуваме за економија да се пребориме со тендерската мафија. Ајде да изградиме образование по западно европскиот модел.
За волја на вистината не се сеќавам некој друг да владеел со Македонија освен вашите СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, па сте имале доволно можност да ни ги претставите вашите знаења.

Доста ни е од мудрување, време е за работа.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...