Горчи, богами, горчи

Како и да ѐ, она што дефинитивно ме демантира, а богами се заканува и да ме демонтира, не само мене, е нашава реал-политичка стварност, во која што јас сум запнал да разговарам не за „служење на народот“ или (не дај боже) за владеење со народот туку за – водење на народот.

796

Ова веќе е чист фолклор, играрија на „високој разини“, етногенеза на македонската глупост, Бит-пазар или Буњаковец, како милувате: тетка Могерини му ги отворила очите на „философот“, оној оперскион хушкач не сакал „подарена слобода“, Халкидики бара распуштање на Владата … а „круна свега“ секако е шефот на бандата кој е категоричен дека тој нема обвинение за корупција, провизии, имотна корист и слично, туку заради тоа што играл џамлии на недозволено место, случајно скинал цветче при добронамерна прошетка низ градскиот парк и, како врв на нашето лицемерие, го теретат за фрлање догорче низ прозорецот на неговиот Maybach S600. А тој дури и не пуши и следствено сето тоа очигледно е политичка намештаљка од криптокомунистите! И згора на се’, ене и оној Клековски сакал да ја дознае(ме) вистината за 27 април. Па како не бараше до лани да дознае(ме) некои многу други вистини? Фактор laissez-faire пар екселанс!

Да, ќе рече некој, ама „философот“ ме демантираше (па дури и Тричковски му поверува!), останува да ме демантира, или демонтира, и Лилето-на-тато-Блажо. Иако јас не гледам на тоа баш така: „философот“ единствено се демантираше – и целосно се демонтираше – само себеси, а тоа би го направила и Лилето-на-тато-Блажо, кога би се дрзнала на некаков таков чекор. Ама мислам дека таа е поитра од „философот“. Или не е? Ајде, ќе видиме. Или и тие добиле некакво „помирување“, во некаква опиплива форма? И тоа ќе го видиме. Но, повторно, сето тоа е само дел од нашиот локален фолклор, дури не е ни политички туку токму бит-пазарски. А за жал се одвива на највисоко ниво – во Собранието на РМ! И после, горчлив бил Договорот? Не бе „философе“, горчлива ни е стварноста, и глупоста!

Како и да ѐ, она што дефинитивно ме демантира, а богами се заканува и да ме демонтира, не само мене, е нашава реал-политичка стварност, во која што јас сум запнал да разговарам не за „служење на народот“ или (не дај боже) за владеење со народот туку за – водење на народот. Иако, од друга страна, токму стварноста е таа што силно имплицира таква политичка солуција: преродбеничка, просветителска, културна, мисионерска, ако баш сакате. Зашто, очигледно е, „народниве“ претставници се товарени со задолженија и обврски – историски, дури епохални – со „сили“ и бремиња што едноставно не се способни да ги носат. Тие, се покажува, не се дури ни свесни за мигот во кој што живеат, за чекорите што мораат да ги направат не само во сопствен интерес или во интерес на нивното потесно и пошироко семејство туку и заради некој, некаков општ, јавен интерес! Гледаме дури и дека личниот интерес често е над општиот, па и во вакви одлучувачки времиња. Впрочем, ако повторно ја префрлиме приказната на полето на културата и резултатите во изминатите дванаесетина години, го гледаме токму филмот на безочното, непродуктивното, шарлатанското грабање и разнесување на државни средства за лични и исклучиво лични средства.

Оттука и обврската во оваа земја некој да го покаже патот, некој, кој и да ѐ односно оној кој во мигов ја добил довербата на гласачите (ако тоа е некакво современо демократско мерило за нештата наречени „владеење“). Да, знам, секој ќе рече дека и оние претходнине „ја имаа“ таа доверба. Секако, ама само првата година, и – покажаа што (не)знаат, (не)можат и (не)умеат. Се’ друго после 2008та беше најдрска политичка кражба која што овој неспособен народ беневолентно ја премолчуваше! И ја голташе во огромни количини, комбинирано со неопходната дијазепам терапија. Оттука, за тоа немам воопшто намера ни да размислувам зашто овде говориме за некакви реални, објективни изборни резултати, чии и да сѐ, кои на носителот му го даваат правото на управивање ама со товарот наречен судбина на државата и излегувањето од лавиринтот на политичката хипокризија и сенародната затупеност, средновековното лудило на разбирање на „историјата“, „правото“, „идентитетот“ и сите други битни нешта што ја сочинуваат државотворноста. Или, ако сакате, ако повторно се вратиме на полето на културата, не можете да ги изедначувате пуфлана и нејзиниот криминален „тим“ кој со своето незнаење и неспособност ја врати културата цели два-триесет години назад со некаква сериозна и одговорна културна политика која што, на пример, се водела дури и пред неколку децении. Секоја политика, имено, а со тоа и културната политика особено, е прашање на мудрост и знаење, на визија и мисија, на тивкост во планирањето и практикувањето зашто она што треба да говори се резултатите и само резултатите. Звучи идеалистички? Можеби, ама нам, мислам, сега и тука, токму тоа ни е потребно. Некое (речиси) невидливо водство, умно програмирање, учено менаџирање, философско управување, морално однесување. Или – крајот е (пред)видлив, и неубав. И горчлив, секако!

Извор: Теодосиевски:За уметноста

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...